Папата до затворениците во Аргентина: Човекот може да расте и преку сопствените ограничувања

Папата до затворениците во Аргентина: Човекот може да расте и преку сопствените ограничувања

На последниот ден од престојот во Аргентина, папата Лав XIV го посети Федералниот затворски комплекс во Буенос Аирес и ги охрабри затворениците времето поминато во затвор да го претворат во можност за нов почеток, помирување и промена на сопствениот живот.

Папата Лав XIV во средата го посети Федералниот затворски комплекс „Вила Девото“ во Буенос Аирес, на крајот од своето апостолско патување во Аргентина.

Тој ги слушна сведоштвата на неколку затвореници, а потоа зборуваше за едно искуство што му е заедничко на секој човек, искуството на сопствените ограничувања.

Секој човек се соочува со ограничувања, рече Папата, а тие особено силно ги чувствуваме во одредени моменти од животот, како смртта на некој близок, староста или искуството на гревот.

Наместо да учиме од сопствените ограничувања, современото општество често нè поттикнува да живееме како да сме непобедливи, барајќи бегство во дрогата, лесните пари, лажното чувство на моќ или насилството над другите.

Папата нагласи дека дури и кога човекот ќе го наруши сопственото достоинство и ќе предизвика страдање, во него останува светлина што Божјата благодат може повторно да ја разгори преку преобраќање и помирување.

„Дури и среде злото, болката и најдлабоките падови што можеби сте ги искусиле или предизвикале, околностите во кои денес се наоѓате можат да станат можност повторно да го започнете својот живот, како што ни покажавте и преку вашите сведоштва“, рече Папата.

Тој потсети дека искуството на ограниченоста и лишувањето може да го научи човекот на нова мудрост и да го доведе до средба со Господ.

„Човекот не расте само и покрај своите ограничувања, туку честопати токму преку нив“, рече папата Лав XIV.

Папата ги охрабри затворениците времето во затвор да го искористат како можност да започнат одново, да се помират со Бога и повторно да ги изградат односите со своите семејства.

И покрај сопствената кревкост и губењето на слободата, затворениците можат да стекнат нови знаења и вештини, да ја примат Божјата благодат и да запалат „мали светла на надеж“ што ќе светат и надвор од затворските ѕидови.

Обраќајќи им се на семејствата на затворениците, Папата потсети дека Исус се поистоветува со оние што се во затвор, а и Самиот бил лишен од слобода пред Својата смрт на крстот.

„Да Го молиме Исус, Кој и Самиот беше затвореник, на сите да им даде сила и мудрост, за ова време на осаменост и изолација да не биде залудно, туку да стане време на благодат и спасение“, рече тој.

Обраќајќи им се на затворските чувари и персоналот, папата Лав ги повика да не подлегнуваат на искушението да мислат дека „ништо никогаш нема да се промени на подобро“.

Тој предупреди дека насилството и агресијата само го продолжуваат кругот на измамата и корупцијата.

„Ве охрабрувам да останете цврсти во верата и својот живот да го втемелите во христијанската надеж, за да можете да се соочувате со многуте предизвици што ги носи секој ден и да помогнете ова место да стане почовечно и поисполнето со почит, место кое навистина ќе придонесува за рехабилитација и повторно вклучување во заедницата“, рече Папата.

На крајот, папата Лав XIV ги повика аргентинските власти и целото општество да препознаат дека токму искуството на човечките ограничувања може да отвори простор за сочувство, великодушност и искрена грижа за потребите на другите.

„Особено да ги придружуваме нашите деца и млади, да ги воспитуваме во вистински вредности, да се грижиме за нив и да ги заштитуваме, за да не паднат во опасните мрежи на криминалот“, рече Папата.

„Господ ќе нè повика на одговорност за она што сме го направиле за секој од нашите браќа и сестри.“

Ватикан њуз/мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот