Папата Лав XIV во Кордоба: Светоста е мисија на секој христијанин

Папата Лав XIV во Кордоба: Светоста е мисија на секој христијанин

Во својата проповед за време на светата Литургија во аргентинскиот град Кордоба, Светиот Отец потсети на примерот на светителите и блажените поврзани со Аргентина и ги повика верниците да сведочат за Христос преку молитвата, секојдневниот живот и делата на љубовта.

Светоста не е повик наменет само за неколкумина избрани, ниту нешто што му припаѓа само на минатото. Таа е пат на кој е повикан секој крстен човек, без оглед каде живее и каква мисија му е доверена. Ова беше главната порака на папата Лав XIV за време на светата Литургија што ја служеше на 10 ноември 2026 година, на просторот пред Военото воздухопловно училиште во Кордоба, во рамките на неговото апостолско патување во Уругвај, Аргентина и Перу.

Во својата проповед Папата се осврна на богатото духовно наследство на Аргентина, земја која дала бројни светители, блажени, маченици и мисионери чие сведоштво и денес ја вдахновува Црквата. Нивниот пример, нагласи тој, покажува како љубовта кон Христос станува конкретна посветеност на Евангелието, на ближниот и на општото добро.

Светоста е повик на секој христијанин

Потсетувајќи на исповедта на верата на апостол Петар, која низ историјата продолжува да одекнува преку неговите наследници, папата Лав XIV нагласи дека Божјата порака на спасението останува жива и актуелна и денес. Во нашиот пат нè придружува и примерот на оние кои пред нас верно чекореле по патот на верата.

„Сите сме повикани на светост“, рече Папата, објаснувајќи дека задачата на христијанинот на земјата е да расте во полно единство со Бога. Овој повик секогаш има и мисионерска димензија, бидејќи убавината што сме ја запознале во Христос сме повикани да им ја пренесеме и на другите.

Светиот Отец го цитираше Свети Лав Велики, чиј литургиски спомен Црквата го слави на 10 ноември, и ги повика христијаните да станат свесни за достоинството што го примиле. Преку Христос, христијанинот е повикан да живее како човек кој е изведен од темнината и внесен во светлината на Божјото Царство.

Папата потсети и на зборовите на Свети Иван Павле II, изговорени во Буенос Аирес во 1987 година, дека светот од христијаните очекува „животна посветеност и сведоштво на молитвата“. Тоа бара целосна и непоколеблива приврзаност кон Исус Христос, каква што гледаме во животот на светителите и која му дава надеж на човекот и среде тешкотиите.

Светители кои ја претвориле верата во мисија

Посебно место во проповедта зазедоа светителите и блажените поврзани со Аргентина. Нивните различни харизми и мисии, рече Папата, го покажуваат богатството на универзалниот повик на светоста. Кај овие светители „со аргентински белег“ се гледа единството меѓу љубовта кон Евангелието и посветеноста на градењето братска и солидарна татковина.

Меѓу нив Папата го истакна Свети Хосе Габриел дел Росарио Брокеро, познат како отец Брокеро, свештеник кој силата за својата служба ја наоѓал во молитвата. Духовните вежби на Свети Игнатиј Лојолски длабоко го преобразиле неговиот живот и го сообразиле со Христос. Вкоренет во пријателството со Исус, тој ги вложил своите сили во навестувањето на Евангелието и во ширењето на Божјото Царство на љубовта и правдата, вооружен, како што рече Папата, само со распетието и светата Бројаница.

Заедно со него, Папата ја спомена и Света Марија Антонија де Паз и Фигероа, позната како Мама Антула. Вдахновена од игнатијанската духовност, таа умеела да ја соедини контемплацијата со грижата за ближниот и била убедена дека едно од најголемите дела на братската љубов е да му се помогне на другиот да се приближи до Бога. Нејзиното животно начело било да оди таму каде што Бог сè уште не е познат и таму да Го навестува.

Папата Лав XIV потсети и на зборовите на папата Фрањо дека на сиромашните им е потребен Бог и луѓе кои со својот живот ја покажуваат силата на христијанската љубов.

Различни звања, едно сведоштво за Христос

Со благодарност кон Бога, папата Лав се сети и на мачениците кои ја исповедале верата до положување на сопствениот живот. Меѓу нив го спомена Свети Хектор Валдивиелсо Саез, како и аргентинските блажени кои претрпеле мачеништво за време на Шпанската граѓанска војна и во аргентинските покраини Ла Риоха и Салта.

Папата им оддаде почит и на пастирите кои верно ѝ служеле на Црквата, меѓу кои блажениот фра Мамерто Ескиу и блажениот кардинал Едуардо Пиронио.

Посебна благодарност упати и за богопосветениот живот, спомнувајќи ги основачките на монашки заедници Света Назарија Игнасија, блажена Марија дел Трансито Кабаниљас и блажена Каталина де Марија Родригез. Папата се сети и на блажените Марија Лудовика де Анхелис и Кресенсија Перез, кои со голема љубов им се посветиле на воспитувањето на децата и на грижата за болните.

Светиот Отец ги спомена и оние кои својот крстен повик го живееле во едноставноста на секојдневниот живот и преку љубовта кон Бога и ближниот, меѓу кои Свети Артемиде Зати и блажените Чеферино Намункура и Лаура Викуња.

„Одете и навестете!“

На крајот папата Лав XIV го насочи вниманието кон одговорноста на денешните христијани. Светителите и блажените веќе ја завршиле својата земна мисија, а сега верниците се повикани да продолжат по светлиот пат на светоста што тие го оставиле зад себе.

„Отворете ги своите срца и, со Божјата благодат, одете и бидете свети!“, повика Папата, нагласувајќи дека светоста се живее во конкретниот секојдневен живот, во училиштето и на плоштадот, во семејството и меѓу пријателите, на село и во градот, на работното место и во канцеларијата.

„Одете и навестувајте!“, порача папата Лав XIV.

За време на светата Литургија пред олтарот беше поставен ликот на „Сиромашниот Христос“, распетие што самиот отец Брокеро го нарачал да биде изработено додека лежел болен. Во Христовото лице уметнички се вградени и цртите на народот од тој крај.

Повикувајќи ги верниците да дозволат Христовиот поглед да ги допре и да ги предизвика, Папата нагласи дека под сенката на Неговиот крст се наоѓаат спасението, животот и патот кон сопственото осветување.

На крајот, преку застапништвото на Свети Лав Велики, папата Лав XIV го замоли Бога и понатаму да го благословува својот народ и да му ја даде благодатта секогаш да ја исповеда верата на апостол Петар: „Ти си Месијата, Синот на живиот Бог“ (Матеј 16,16).

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот