Папата Лав XIV му оддаде почит на папата Фрањо во катедралата во Буенос Аирес

Папата Лав XIV му оддаде почит на папата Фрањо во катедралата во Буенос Аирес

На крајот од својот втор ден во Аргентина, папата Лав XIV застана во молитва пред спомен-плочата посветена на папата Фрањо во Метрополитенската катедрала во Буенос Аирес, каде Хорхе Марио Берголјо служеше како надбискуп пред да биде избран за папа во 2013 година.

Мермерната плоча зад олтарот потсетува на службата на Хорхе Марио Берголјо како надбискуп на Буенос Аирес од 1998 до 2013 година и на неговиот понтификат како папа Фрањо од 2013 до 2025 година.

Пред почетокот на Вечерната со аргентинските епископи и синодалните тимови, папата Лав XIV застана пред плочата во тишина и молитва, оддавајќи му почит на својот претходник на местото каде Фрањо со години служел Литургии, исповедал и се среќавал со верниците.

Папата Лав во повеќе наврати во текот на посетата на Аргентина се осврна на наследството на папата Фрањо, особено на неговата посветеност на евангелизацијата, дијалогот и близината со луѓето.

Во моментот на молитва покрај него беа аргентинските епископи, кардиналот Марсело Коломбо и шест деца од парохии и здруженија во Надбискупијата на Буенос Аирес. Децата положија цвеќе под спомен-плочата и останаа неколку моменти во тишина.

По Вечерната, папата Лав XIV се сретна и со осум внуци и внуки на папата Фрањо. Тие му подарија бела роза, цвет кој имал посебно духовно значење за Хорхе Марио Берголјо.

Белата роза била поврзана со неговата побожност кон Света Тереза од Лизие и за него претставувала знак на Божјата близина и милост во важните моменти од животот.

„Оваа бела роза, толку значајна за нашиот драг чичко Фрањо, денес доаѓа во вашите раце како мал знак на љубов, вера и континуитет“, напишале членовите на семејството Бергољо во посветата до папата Лав XIV.

Тие изразиле надеж дека розата ќе биде знак на духовното наследство што ги поврзува со папата Фрањо и на желбата неговите пораки за нежност, надеж и милосрдие да продолжат да живеат во Црквата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот