Папата во Аргентина: „Христовата љубов нека триумфира над секој индивидуализам и исклучување“

Папата во Аргентина: „Христовата љубов нека триумфира над секој индивидуализам и исклучување“

За време на посетата на Центарот за нега „Дон Орионе“ во Клејпол, папата Лав XIV повика на општество во кое достоинството на секој човек ќе биде почитувано, нагласувајќи дека лицата со попреченост се благослов и дека вистинскиот напредок се мери и според начинот на кој една земја се грижи за најранливите.

На вториот ден од своето апостолско патување во Аргентина, Светиот Отец го посети центарот „Дон Орионе“, основан во 1935 година од Свети Луиџи Орионе и посветен на прифаќање и грижа за лица со попреченост.

Во центарот денес живеат повеќе од 400 лица, распоредени во 14 станбени куќи.

Папата помина време со жителите и персоналот и ја пофали нивната секојдневна служба, истакнувајќи дека токму на места како ова милосрдието станува видливо преку конкретни гестови на грижа, близина и прифаќање.

Тој нагласи дека лицата со попреченост не треба да се гледаат како товар, туку како дар за заедницата.

„Вредностите на достоинството, припадноста и братското пријателство што ги разликуваат местата како ова имаат многу да им кажат на нашите општества, кои честопати се водени само од потрагата по економски успех или од култот на надворешниот изглед“, рече папата Лав XIV.

Светиот Отец додаде дека напредокот на една нација се оценува и според начинот на кој ги прифаќа лицата со попреченост и оние со посебни потреби.

Папата изрази надеж дека сè повеќе млади ќе се вклучуваат во волонтерски и добротворни активности и дека од таквата посветеност ќе израсне нова генерација луѓе кои своите способности ќе ги стават во служба на другите.

Тој потсети дека секој христијанин е повикан на светост и дека тој повик се живее и преку конкретна љубов кон оние на кои им е потребна поддршка.

„Милосрдието ќе го спаси светот, бидејќи Бог е љубов“, нагласи Папата.

Осврнувајќи се на реликвијата од срцето на Свети Луиџи Орионе, која се чува во капелата на заедницата, папата Лав потсети на неговата силна поврзаност со Аргентина и на наследството што го оставил.

На крајот Светиот Отец порача дека Христовата љубов има сила да го надмине индивидуализмот и исклучувањето и да создава заедници во кои секој човек е прифатен со достоинство и љубов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот