Папата Лав ги повика аргентинските лидери да го стават општото добро пред политичките интереси

Папата Лав ги повика аргентинските лидери да го стават општото добро пред политичките интереси

Во своето прво обраќање на аргентинска почва, папата Лав XIV ги повика политичките лидери власта да ја разбираат како служба, да ги зајакнуваат демократските институции и да создаваат економски услови од кои корист ќе има целото општество.

Обраќајќи им се на претставниците на власта, граѓанското општество и дипломатскиот кор во Палатата Либертад во Буенос Аирес, Светиот Отец нагласи дека јавната функција носи одговорност кон целата заедница и бара општото добро да се става пред непосредните политички интереси.

„Власта е најавтентична кога се извршува како служење, кога гледа подалеку од она што е непосредно и кога својата моќ ја користи за доброто на сите“, рече Папата.

Осврнувајќи се на демократското наследство на Аргентина, тој истакна дека демократијата се зајакнува преку дијалог, учество, внимателна употреба на зборовите и почитување на луѓето со различни политички ставови.

Посебно внимание посвети на економијата и на улогата на работата во градењето на општото добро. Папата повика на политики кои создаваат можности, ја поттикнуваат приватната иницијатива и овозможуваат економскиот раст да стигне и до оние кои живеат во потешки услови.

Тој ги спомена невработените, постарите лица, семејствата со неизвесна иднина и луѓето кои и покрај редовната работа тешко ги обезбедуваат основните потреби.

Папата се осврна и на иселувањето на младите, поставувајќи го прашањето зошто толку многу од нив чувствуваат дека мора да ја напуштат земјата за да ги остварат своите планови.

„Една нација мора сериозно да се запраша каде потфрлила кога нејзините млади луѓе мора да ја напуштат својата татковина за да ги остварат своите соништа“, рече тој.

Како дел од одговорот, Папата ги посочи образованието, стручното оспособување, универзитетите, научното истражување и поголемото учество на младите во јавниот живот.

Светиот Отец повика и на зајакнување на институциите и на регионалната соработка во борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе, оружје и дрога, како и против корупцијата.

„Корупцијата ја поткопува довербата на граѓаните во нивните институции“, предупреди тој.

Во обраќањето Папата зборуваше и за заштитата на човечкиот живот, грижата за болните и ранливите, одговорното користење на природните ресурси и етичките прашања поврзани со вештачката интелигенција.

На крајот ги повика аргентинските лидери своите одлуки да ги носат со чувство на одговорност кон идните генерации.

„Нека оние што доаѓаат по вас наследат обединета татковина, достојна за својата историја и за можностите што ги нуди“, порача папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот