Отворен Дом за ходочесници во Никеја, Турција

Отворен Дом за ходочесници во Никеја, Турција

Надбискупот Рино Физикела, пропрефект на Дикастеријата за евангелизација, ја предводеше свеченоста по повод отворањето на Домот за ходочесници во Никеја, Турција, и го освети олтарот во капелата, за која папата Лав XIV подари посебна чаша. Во објектот е поставена и мермерна плоча во спомен на 1700-годишнината од Првиот вселенски собор.

Во Никеја, денешен Изник во Турција, е отворен нов Дом за ходочесници, наменет за сместување на верниците кои сакаат да ги посетат остатоците од древниот град на брегот на езерото Асканија, местото каде во 325 година се одржал Првиот вселенски собор.

Домот за ходочесници го отвори надбискупот Рино Физикела, пропрефект на Дикастеријата за евангелизација, по покана на апостолскиот викар на Истанбул, надбискупот Масимилијано Палинуро.

Во објектот е поставена мермерна спомен-плоча посветена на 1700-годишнината од Никејскиот собор. Зградата беше благословена во ноември 2025 година од папата Лав XIV за време на неговото апостолско патување во Никеја по повод големиот јубилеј на Првиот вселенски собор.

Капела за молитва и света Литургија

Надбискупот Физикела го освети и олтарот во капелата на Домот за ходочесници, каде посетителите ќе можат да се собираат на молитва и да ја слават Евхаристијата.

На свеченоста присуствуваа сите епископи од Турската бискупска конференција, како и претставници на христијанските заедници во Турција.

По повод осветувањето на капелата, папата Лав XIV испрати посебна литургиска чаша како дар.

Претседателот на Турската бискупска конференција и надбискуп на Измир, монсињор Мартин Кметец, истакна дека новиот објект претставува знак на гостопримство за многубројните ходочесници кои секоја година го посетуваат градот во кој се одржал Првиот вселенски собор.

Сведоштво за единството на верата

Во својата проповед, пред осветувањето на олтарот, надбискупот Физикела го нагласи значењето на овој конкретен знак за христијанското присуство во Турција.

Тој ги потсети верниците на вредноста на малата христијанска заедница која преку својот начин на живот сведочи за надежта и, пред сè, за единството на верата.

Токму тоа единство, истакна тој, ги прави верниците ширум светот една Христова Црква.

На свеченоста присуствуваа и заменик-гувернерот Ариф Караман и градоначалникот на Никеја, Каган Мехмет Уста, кои упатија поздрави и изразија благодарност за посетата на папата Лав XIV во 2025 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот