На крајот од Генералната аудиенција во среда, 4 ноември 2026 година, папата Лав XIV ги повика верниците да го придружуваат со молитва за време на неговото претстојно апостолско патување во Уругвај, Аргентина и Перу. Светиот Отец потсети и дека вистинскиот мир се гради врз правда, почитување на законот и дијалог, а ги најави и претстојните беатификации на маченици во Гватемала и Шпанија.
„Задутре ќе го започнам моето апостолско патување во Уругвај, Аргентина и Перу. Ве молам да ме придружувате со молитва, за Господ да ја благослови оваа мисија во овие земји кои ми се толку драги“, рече папата Лав XIV.
Светиот Отец изрази надеж дека патувањето ќе ја зајакне верата, ќе ја обнови надежта, повторно ќе го разгори пламенот на љубовта и ќе даде нов поттик за радосното навестување на Евангелието.
Апостолското патување ќе започне во петок, 6 ноември, и ќе трае до 17 ноември. Папата ќе ги посети Уругвај, Аргентина и Перу.
Мирот се гради преку правда и дијалог
Поздравувајќи ги верниците од Полска, папата Лав XIV потсети дека пред 70 години од затвор биле ослободени двајцата истакнати црковни поглавари од Полска и Унгарија, кардиналите Стефан Вишински и Јожеф Миндсенти.
Повикувајќи се на зборовите што папата Пиј XII ги напишал по тој повод во енцикликата Laetamur admodum, Светиот Отец истакна дека „мирот се гради врз правда, почитување на законот и дијалог, а не преку насилство“.
Нови маченици ќе бидат прогласени за блажени
Папата најави и две беатификации што ќе се одржат во сабота, 7 ноември, во Гватемала и Шпанија.
Во Антигва Гватемала за блажен ќе биде прогласен отец Аугусто Рафаел Рамирез Монастерио, свештеник од Редот на помалите браќа, кој во 1983 година бил убиен од омраза кон верата.
Во Сантандер, Шпанија, ќе бидат беатифицирани епархискиот свештеник Франсиско Гонзалез де Кордова и 79 негови другари, меѓу кои свештеници, семинаристи и лаици.
„За време на прогонството во Шпанија во минатиот век, тие не се плашеа да ја пролеат својата крв од љубов кон Христос“, истакна папата Лав XIV.
„Овие нови блажени прават видлив уште еден дел од ‘големото мноштво’ пријатели Господови“, порача Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк

