Во пресрет на апостолското патување на папата Лав XIV во Латинска Америка, Канцеларијата за печат на Светиот Престол во вторник, 3 ноември 2026 година, ја претстави програмата на посетата на Уругвај, Аргентина и Перу. Последната е земјата во која Светиот Отец со години служеше како мисионер и епископ.
Канцеларијата за печат на Светиот Престол во вторник попладне одржа брифинг за претстојното апостолско патување на папата Лав XIV во Латинска Америка, кое ќе трае дванаесет дена и ќе опфати три земји.
Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, ја претстави програмата, која предвидува околу дванаесет летови и посети на десет градови.
Во текот на патувањето Папата ќе служи свети Литургии, ќе се сретне со локалните црковни заедници и ќе им се обрати на претставниците на граѓанските власти. Предвидени се околу 40 негови обраќања, сите на шпански јазик.
Патување во знакот на заедништвото, средбата и единството
Бруни истакна дека Светиот Отец во трите земји носи порака на заедништво и единство.
Посетата на Перу, според него, во одредена смисла ќе претставува враќање дома за Папата. Секоја етапа од патувањето ќе биде можност за средба со луѓето, нивната историја, општествената стварност и нивната вера.
Должината на патувањето ќе му овозможи на папата Лав да се запознае и со различноста што ја карактеризира секоја од трите земји.
Една од важните теми ќе биде и универзалниот повик за светост, упатен до секој христијанин, кој ги повикува верниците да сведочат за верата преку лична посветеност и одговорност кон другите.
Во тој контекст Бруни потсети на повеќе светци и истакнати христијански личности од земјите што ќе ги посети Папата.
Меѓу нив се блажени Јакинто Вера од Уругвај; Енрике Шо, Свети Хосе Габриел дел Росарио Брочеро и Света Марија Антонија де Паз и Фигуероа, позната како Мама Антула, од Аргентина; како и Света Роза Лимска, Свети Мартин де Порес и Свети Торибио де Могровехо од Перу.
Нивните животи претставуваат различни примери на христијанска светост, изразена преку пасторална посветеност, професионален и семеен живот, мисионерска дејност, милосрдие и евангелизација.
Враќање во Перу и средби со августинците
Патувањето ќе има особено лично значење за папата Лав XIV за време на престојот во Перу, каде што долги години вршеше мисионерска и пасторална служба.
Светиот Отец ќе се сретне и со членови на августинските заедници, меѓу другото за време на престојот во Аргентина и по пристигнувањето во Перу.
Бруни потврди и дека во текот на патувањето Папата ќе се сретне со жртви на сексуална злоупотреба од страна на свештени лица.
Уругвај
Папата ќе го започне патувањето во Уругвај, каде што ќе престојува од 6 до 8 ноември и ќе ги посети Монтевидео, Пајсанду и Флорида.
Мотото на оваа етапа од патувањето е „Ви носам голема радост“, преземено од евангелскиот настан во кој ангелот им го навестува Христовото раѓање на пастирите во Витлеем.
Ова ќе биде прва папска посета на Уругвај по посетата на Свети Иван Павле II во 1988 година.
За време на средбата со новинарите, префектката на Дикастеријата за комуникации, Марија Монсерат Алварадо, се осврна и на секуларниот карактер на уругвајското општество.
„Луѓето прашуваат: ‘Зошто да се оди во Уругвај кога е толку секуларен?’ А јас велам: ‘Зошто да не?’ Евангелието треба да стигне насекаде“, рече таа.
Аргентина
На 8 ноември папата Лав ќе отпатува во Аргентина, каде што ќе остане до 11 ноември. Предвидени се посети на Буенос Аирес, Кордоба и Лухан.
Посетата има посебно значење бидејќи Аргентина е татковина на покојниот папа Фрањо.
Светиот Отец ќе пристигне речиси четири децении по последната папска посета на земјата, кога Свети Иван Павле II ја посети Аргентина во 1987 година.
Мотото на аргентинската етапа е „Добредојдени се сите. Одете и навестувајте“.
Перу
На 11 ноември папата Лав ќе отпатува во Перу, каде што ќе ги посети Лима, Чиклајо, Куско и Пукалпа. Мотото на оваа етапа е „Да ги отвориме нашите срца“.
Посетата ќе има големо лично значење за Светиот Отец, кој повеќе години служеше во Перу како мисионер и пастир. Таа ќе му овозможи повторно да ги посети местата и заедниците што оставиле голема трага во неговиот живот и во неговото формирање како пастир.
Папата со нетрпение го очекува патувањето
За време на брифингот Алварадо зборуваше и за ентузијазмот на Папата во пресрет на посетата, нагласувајќи дека тој лично го потврдил патувањето и со голема радост го очекува.
Таа рече дека Светиот Отец е благодарен за загриженоста и наклонетоста што ги покажуваат верниците, особено по прашањата поврзани со неговото здравје и напорите што ги носи едно толку долго патување.
„Тој е навистина возбуден. Лично го потврди ова патување, без никакви промени. Не е чудно што постоеја одредени грижи. Луѓето се загрижени затоа што го сакаат Светиот Отец, а тоа е прекрасно. Тој е многу благодарен“, рече Алварадо.
Според неа, Папата ја доживува оваа загриженост како знак на љубов и како израз на надежите што луѓето ги поврзуваат со неговата посета.
Алварадо издвои две особено важни димензии на патувањето. Првата е неговото своевидно „враќање дома“.
Папата Лав чувствува голема поврзаност со Перу, земја која силно ги обликувала неговата служба и неговото разбирање на пасторалното послание.
„Тоа е место кое ја обликуваше неговата служба и го инспирираше да стане пастирот што е денес“, објасни Алварадо.
Таа додаде дека искуството во Перу влијаело врз начинот на кој Папата ја разбира средбата со луѓето и различните потреби на Црквата.
Алварадо: Папата ме замоли да ви го пренесам ова
Втората важна димензија, според Алварадо, е желбата на Папата неговата порака да стигне до пошироката светска јавност.
Таа им пренесе на новинарите порака што Светиот Отец лично ја замолил да ја сподели со нив.
„Тој лично со радост го очекува ова патување и се надева дека ќе помогнете неговата порака за мир и средба да стигне до светот, за и другите да можат да го видат она што тој го познава од сопственото искуство: прекрасниот начин на кој Црквата се изразува во Латинска Америка преку различноста на нејзините народи и култури.“
Папата се надева дека патувањето ќе помогне светот подобро да го препознае богатството на различноста во Црквата и значењето на средбата како пат кон исцелување и мир.
Програмата го открива срцето на папата Лав
Алварадо ја нагласи и важноста на дијалогот за градење меѓусебно разбирање.
Според неа, различните делови од програмата на патувањето „го покажуваат срцето“ на папата Лав.
Иако маршрутата е подготвена во координација со владите и епископските конференции на трите земји, Папата ќе се обиде да ја искористи секоја можност за непосредна средба со луѓето и за споделување на својата пасторална визија.
Алварадо најави дека новинарите веројатно ќе ја видат и спонтаната страна на Светиот Отец.
„Ќе го видите, како што го видовте во Шпанија, како го отвора своето срце и зборува на јазик што му е природен. Повторно ќе го видите тоа, но на сосема поинаков начин, бидејќи тој ги познава овие улици“, рече таа.
Таа додаде дека Папата веројатно повеќепати ќе отстапува од однапред подготвените текстови и ќе говори спонтано. Според Алварадо, токму тоа ја покажува неговата желба непосредно и искрено да комуницира со луѓето што ќе ги сретне.
Социјална правда и грижа за најранливите
За време на брифингот новинарите поставија прашања и за социјалната димензија на патувањето.
Бруни истакна дека самата програма јасно ги покажува приоритетите на Папата.
Тој посочи на предвидените средби со затвореници, посетите на места погодени од експлоатација на природните ресурси, како и средбите со сиромашните и најранливите.
Овие настани, заедно со богослужбите и средбите во трите земји, ќе бидат важен дел од пораката на Папата за солидарност, средба и мир.
Новинарите поставија и повеќе прашања за здравствената состојба на Светиот Отец.
Бруни и Алварадо потврдија дека во програмата не се направени промени и дека Папата е во одлична здравствена состојба. Тие објаснија дека претходната операција го решила здравствениот проблем и дека по неа не останале трајни последици.
Ватикан њуз/к.мк

