Кардинал Черни: Теологијата мора да го брани човечкото достоинство во ерата на вештачката интелигенција
На конференција во Франкфурт, кардинал Мајкл Черни повика на теолошко образование вкоренето во верата, чувствително на човечкото страдање и отворено за дијалог пред предизвиците што ги носат вештачката интелигенција и општествената неправда.
Католичката теологија мора да ја обединува интелектуалната строгост со сочувството и да остане вкоренета во заедништвото со Бога, помагајќи ѝ на Црквата да го заштитува човечкото достоинство во услови на технолошки промени и општествени кризи, истакна кардинал Мајкл Черни.
Говорејќи на конференцијата по повод стогодишнината на „Свети Георги“ во Франкфурт на 17 октомври 2026 година, префектот емеритус на Дикастеријата за промовирање на интегралниот човечки развој размислуваше за одговорноста на теолошкото образование да му служи на човекот, потпирајќи се врз учењето на папата Лав XIV и папата Фрањо.
Конференцијата, насловена „Надвор од знаењето: Теолошко образование од грижа за човештвото“, беше повод за неговото предавање на тема „Величественото човештво и католичката теологија“.
Читање на знаците на времето
Осврнувајќи се на енцикликата на папата Лав Magnifica humanitas, кардинал Черни ја постави грижата за човечката личност во ерата на вештачката интелигенција во поширокиот контекст на социјалното учење на Црквата.
Од Индустриската револуција, преку Студената војна, климатските промени и пандемијата, низа социјални енциклики се осврнувале на околностите во кои човечкото достоинство требало да биде заштитено.
„Во секој историски момент контекстот може да биде многу различен, но мелодијата е иста: неприкосновеното достоинство на човечката личност“, рече тој.
Теолозите, објасни кардиналот, мора да ги препознаваат прашањата на своето време, меѓу кои војната, миграцијата, уништувањето на животната средина, поларизацијата и слабеењето на институциите и управувањето.
Научна строгост и сочувство
Повикувајќи се на мотото на „Свети Георги“, Pietati et Scientiae, кардинал Черни нагласи дека верата, духовноста и практичниот живот треба да го насочуваат сериозното академско истражување.
Теологијата, рече тој, е дар вкоренет во заедништвото со Бога и живеен во Црквата. Таа ја прима живата традиција од претходните поколенија, размислува за неа во сегашноста и им ја предава на оние што доаѓаат по нас.
Таквата работа бара внимателно согледување на конкретните околности во кои живеат луѓето.
„Вистинското внимание неизбежно добива облик на сочувство“, рече кардиналот, повикувајќи ги теолозите да дозволат да бидат допрени од современите облици на ропство, насилство и неправда.
Цитирајќи го папата Фрањо, тој предупреди дека без сочувство теолозите ризикуваат да останат во привилегирана изолација, без да споделуваат ниту еден од ризиците со кои се соочува голем дел од човештвото.
Првото навестување на Евангелието, потсети тој, има непосредна општествена димензија, која се изразува преку милосрдието и ангажманот за другите.
Да научиме заедно да слушаме
Кардинал Черни повика на теолошки пристап обликуван од духовното расудување и синодалноста, сфатена како култура на меѓусебна доверба и разбирање.
„Станува збор за промена во начинот на кој бискупите и верниците се однесуваат едни кон други и во начинот на кој се остварува вистинскиот авторитет“, објасни тој.
Католичките факултети, рече кардиналот, треба да станат лаборатории за размислување кои ќе им помагаат на помесните Цркви да развиваат пасторални одговори на современите предизвици.
На крајот, повикувајќи се на апелот на папата Лав до образовните заедници, кардинал Черни ги поттикна: „Разоружувајте ги зборовите, подигнете го погледот и чувајте го срцето.“
Ватикан њуз/к.мк

