Папата Лав XIV до семинаристите: Научете да останете со Исус

Папата Лав XIV до семинаристите: Научете да останете со Исус

„Срцето на семинариското искуство“ е „да се научи да се биде со Учителот, Исус“, им порача папата Лав XIV на италијанските семинаристи од Регионалната семинарија „Пиј XI“ во Молфета и од Епископската семинарија во Аверса.

Папата Лав XIV го стави во средиштето односот на семинаристите со Исус, во своето обраќање до семинаристите од две италијански семинарии: Регионалната семинарија „Пиј XI“ во Молфета, Апулија, и Епископската семинарија во Аверса, Кампанија.

Папата истакна дека студирањето, дисциплината и различните етапи на формацијата се неопходни елементи на патот кон свештенството, но дека сè мора да биде втемелено врз жив однос со Бога.

Срцето на семинариското искуство

Размислувајќи за евангелскиот извештај на свети Марко за повикот на дванаесетте апостоли, папата Лав XIV го опиша семинарискиот пат како искуство што започнува со „искачување на гората“, за да се биде со Исус.

Таму, рече тој, „можеме да Го достигнеме Христос и, пред сè, да останеме со Него“. Токму тоа, според Папата, е „срцето на семинариското искуство“.

Тој потсети дека, како и во случајот со апостолите, Исус ги повикува луѓето на свештенство по Свој целосно слободен избор. „Исус ги повика кај Себе оние што  сакаше“, рече Папата, нагласувајќи дека повикот не е плод на заслуги, туку „слободен избор на Бог Отецот, знак и залог на бесплатна љубов што секогаш нè претекнува и никогаш не разочарува“.

Знак на надеж за целата Црква

Папата Лав XIV им рече на кандидатите за свештенство дека самото нивно присуство во семинаријата е „знак на надеж за целата Црква“.

„Додека ве гледам“, рече тој, „мислам на Божјото чудо, на Бога Кој никогаш не се заморува да им ја шепоти во срцата на младите луѓе убавината на дарувањето на животот за Него и за Црквата.“

Семинаријата, продолжи Папата, и денес останува неопходна, како што била и во минатото. Светиот Отец ја истакна важноста на периодот на формација, кој овозможува време за расудување во свет што е брз и бучен.

Во исто време, тој ја нагласи важноста на заедницата. Потсети дека Исус ги повикал апостолите не како изолирани поединци, туку како заедница, исто како што и семинаристите денес се повикани да живеат во заедница.

Семинаристите, рече Папата, не се повикани на чисто приватен пат со Господ, туку „секогаш треба да ја чувствуваат и да ја доживуваат убавината на црковното посредништво“.

Да се слезе од гората

На крајот, папата Лав XIV рече дека формацијата во семинаријата вклучува и „слегување од гората“, бидејќи гората не е засолниште од светот.

Како и апостолите, семинаристите се повикани да му ја пренесат на светот „новоста на животот“ што ја откриле со Исус.

„Затоа ќе бидете повикани да слезете од гората, да бидете испратени кај луѓето од вашите земји“, рече Папата. „Свештеникот е испратен кај сите, на сите да им ја навестува убавината на верата во Исус Христос, добрата вест за спасението.“

Папата ги повика семинаристите да ѝ се доверат на Марија, за секој ден да ја имаат благодатта да Му кажуваат „да“ на Исус, како што тоа го правела таа.

Папата Лав XIV го заврши своето обраќање изразувајќи благодарност, не само до семинаристите, туку и до нивните семејства, во свое име и во име на целата Црква.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот