Генерална аудиенција: Црквата е повикана да му служи на човештвото и да ги разоткрива противречностите на општеството

Генерална аудиенција: Црквата е повикана да му служи на човештвото и да ги разоткрива противречностите на општеството

На Генералната аудиенција во среда, 2 септември 2026 година, папата Лав XIV размислуваше за мисијата на Црквата да биде во служба на човештвото, соочувајќи се со реалноста, вклучувајќи се во предизвиците на нашето време и сведочејќи Го Христос.

Во време обележано со тензии, конфликти и длабоки промени, Црквата е повикана да му служи на човештвото, особено на најранливите, така што ќе се соочи со реалноста, вклучувајќи ги и нејзините противречности, рече папата Лав XIV за време на Генералната аудиенција.

Црквата мора „да ја остави зад себе секоја пасивност и рамнодушност пред актуелните настани, историјата и животот на луѓето, особено пред брзите и длабоки промени што ги доживуваме денес“, истакна Папата пред верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“.

„Не можеме да останеме неангажирани гледачи. Напротив, треба да слушаме со срцето, да дозволиме да бидеме предизвикани и да се вклучиме. Со Христос и поткрепени од силата на Неговиот Дух, верниците се повикани да ги носат товарите на своите браќа и сестри, особено на оние што се притиснати од неправда, дискриминација и насилство.“

Папата Лав XIV започна нова фаза во својата серија катехези за документите на Вториот ватикански собор, размислувајќи за Пасторалната конституција Gaudium et spes од 1965 година, посветена на Црквата во современиот свет.

Христијаните треба да ги разоткриваат противречностите

Бидејќи Црквата е повикана да се вклучи во животот на човештвото, „христијанската солидарност нè обврзува да се соочиме со реалноста, но и да ги разоткриеме противречностите што го обележуваат личниот и општествениот живот во современиот свет“, нагласи Папата во својата катехеза.

Тој посочи повеќе примери од денешните општества: технолошки и научен напредок што им користи само на некои; подобро разбирање на законите на општеството, но неизвесност за насоката во која тоа се движи; како и големо изобилство на богатство, ресурси и економска моќ, кои, сепак, „и денес, како и во времето на Соборот, оставаат огромен дел од граѓаните на светот сè уште измачувани од глад и сиромаштија“.

Папата укажа и на уште една противречност: заедничката свест дека иднината на планетата е доведена во прашање, а истовремено и неспособноста да се откажеме од себичната потрошувачка и од илузијата дека војната може да биде ефикасно средство за градење мир.

„Во време обележано со големо промени, кои создаваат загрижувачки нерамнотежи“, истакна Папата, „Црквата е повикана да му служи на човекот, слушајќи ги и прифаќајќи ги најдлабоките прашања на неговото срце и копнежите што живеат во него, покажувајќи на Христос како клуч, средиште и цел на целата човечка историја.“

Црквата е соединета со човештвото

Папата го цитираше и својот претходник, свети папа Иван XXIII, кој во воведното обраќање на Вториот ватикански собор во 1962 година им се спротивстави на оние што мислеле дека нивното време е полошо од претходните.

Свети Иван XXIII нагласил дека во секое време од историјата треба да се гледаат „таинствените планови на Божествената промисла“, кои се исполнуваат преку делата на луѓето, а често и над нивните очекувања, и кои со мудрост уредуваат сè, дури и неповолните човечки настани, за доброто на Црквата.

Папата Лав XIV објасни дека Gaudium et spes во ова расудување препознава суштински елемент од природата на Црквата. Како што Исус Христос, со Своето воплотување, избрал да го сподели нашиот живот, така и Црквата е повикана да се вклучи во животот на човештвото.

„Затоа соборската конституција Gaudium et spes започнува со објавата дека Црквата ги прави свои радостите и надежите, тагите и грижите на луѓето од ова време, особено на сиромашните и на сите што страдаат“, истакна Папата.

Во тој контекст, тој нагласи дека Конституцијата потсетува на постојаната должност на Црквата да ги испитува знаците на времето и да ги толкува во светлината на Евангелието. Тоа е дел од нејзината мисија да го продолжи Христовото дело, Тој што сведочеше за вистината и им служеше на сите.

Во центарот се сиромашните и оние на кои им е најпотребна помош

Папата истакна дека ова не е „само морален императив“. Како што рече папата Фрањо, „опцијата за сиромашните е пред сè теолошка категорија, а не културна, социолошка, политичка или филозофска“.

„Повикани сме да Го најдеме Христос во нив, да го позајмиме нашиот глас за нивните потреби, но и да бидеме нивни пријатели, да ги слушаме, да зборуваме во нивно име и да ја прифатиме таинствената мудрост што Бог сака да ја сподели со нас преку нив“, рече папата Лав XIV, цитирајќи го апостолскиот поттик Evangelii gaudium на својот претходник.

Папата ја заврши катехезата изразувајќи надеж дека „радоста и надежта“, односно gaudium et spes, ќе бидат препознатливи одлики на Црквата која го проповеда и сведочи Евангелието, приближувајќи им се на жените и мажите од нашето време.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот