Папата Лав XIV ги охрабри христијаните да прифатат еколошко преобраќање, да го преобразат уништувањето во живот и да ја обноват својата посветеност на грижата за создадениот свет и за сиромашните.
„Сè уште не е предоцна“ да се промени правецот и она што било користено за уништување да се пренасочи кон животот, рече папата Лав XIV во вторник, 1 септември 2026 година, повикувајќи ги христијаните грижата за создадениот свет да ја направат израз на еколошко преобраќање и универзално братство.
Папата служеше света Литургија во Селото Laudato si’ во Кастел Гандолфо на 1 септември, по повод годишниот Светски ден на молитва за грижа за создадениот свет и почетокот на петнеделната Сезона на создадениот свет.
Размислувајќи за библиските читања, папата Лав XIV ги повика верниците да размислуваат за убавината на природниот свет и преку неа да Го препознаат Создателот.
Во градините на Селото Laudato si’, рече тој, оваа покана за контемплација на создадениот свет е особено соодветна.
„Би било површно да се восхитуваме на огнот, ветерот, брзата вода или ѕвездите на небото, а притоа да не дозволиме нашиот поглед да се издигне кон Создателот на таквите чуда“, истакна Папата.
Да го слушнеме мелодичниот глас на создадениот свет
Папата ги повика присутните да се оддалечат од темпото и бучавата на секојдневниот живот и повторно да го откријат своето место во хармонијата на создадениот свет.
Тој истакна дека Сезоната на создадениот свет нуди можност да се „оддалечиме од лудилото на нашиот секојдневен живот“ и да препознаеме дека самото човештво е дел од длабоката хармонија присутна во Божјото создание.
„Да ги ставиме во тивок режим многуте звуци создадени од човековата активност“, рече папата Лав XIV, „за да можеме да го слушнеме мелодичниот глас на создадениот свет, преку кој Бог, Авторот на сè, ни зборува.“
Папата објасни дека оваа задача за контемплација е повеќе од обично восхитување на природниот свет. Тоа е почеток на средба со Бога, која може да доведе до преобразба во начинот на кој човекот се однесува кон создадениот свет.
Тоа е првиот чекор, рече тој, кон „автентично еколошко преобраќање“, во кое плодовите од средбата со Исус Христос стануваат видливи во односот на човештвото кон светот.
Одговорност што ја делиме сите
Контемплацијата на создадениот свет и средбата со неговиот Создател, рече папата Лав XIV, водат кон подлабока свест за местото на човештвото во Божјиот план, но и за одговорноста што произлегува од тоа.
Таа одговорност е и лична и заедничка, нагласи тој.
„Кога стануваме свесни за нашите недостатоци и неуспеси“, продолжи Папата, „можеме да ја обновиме нашата посветеност на обновување на односите меѓу сите созданија, според волјата на нивниот Создател.“
Потоа Папата се осврна на една од централните теми на овогодинешниот Светски ден на молитва за грижа за создадениот свет: преобразувањето на инструментите за уништување во инструменти што го поддржуваат животот.
Повикувајќи се на библиското пророштво за „прековување на мечевите во плугови“, што е и тема на неговата порака за Светскиот ден, тој рече дека повикот е „штетата да се преобрази во живот“.
„Сè уште не е предоцна“, нагласи папата Лав XIV.
„Она што било искористено за уништување може да се пренасочи кон живот“, рече тој, „кон грижа за сиромашните, храна за гладните и заштита на создадениот свет.“
По примерот на свети Фрањо
Сезоната на создадениот свет ќе заврши на 4 октомври, кога Црквата ќе ја одбележи 800-годишнината од смртта на свети Фрањо Асишки.
Папата Лав XIV потсети дека папата Фрањо црпел посебно вдахновение од овој светец кога ја пишувал енцикликата Laudato si’ и при основањето на Селото Laudato si’, каде што беше служена светата Литургија.
Повикувајќи ги верниците духовно да се обединат со „Сиромашниот од Асизи“, папата Лав XIV се осврна на Песната на созданијата, во која свети Фрањо Го слави Бога преку сонцето, месечината и ѕвездите, ветерот, водата, огнот и земјата.
„Со свети Фрањо“, рече Папата, „да ја обновиме нашата посветеност на живеење и промовирање на тоа универзално братство, кое е неразделно поврзано со задачата за грижа за создадениот свет.“
Ватикан њуз/к.мк

