За време на средбата на 31 август 2026 година во Кастел Гандолфо, Комисијата за управување и надзор на „Домот за олеснување на страдањето“, истражувачка болница основана од свети Пио од Пјетрелчина, му ја претстави на папата Лав XIV работата што ја извршила од своето основање во мај.
Папата Лав XIV ја прими на аудиенција во Апостолската палата во Кастел Гандолфо Комисијата за управување и надзор на фондацијата Casa Sollievo della Sofferenza, односно „Дом за олеснување на страдањето“.
„Домот за олеснување на страдањето“ е голем здравствен и истражувачки центар, роден од сонот на свети Пио од Пјетрелчина во Сан Џовани Ротондо, во јужна Италија.
Комисијата беше основана со хирограф потпишан од Папата на 27 мај 2026 година.
На средбата присуствуваа претседателот на Комисијата, Максимино Кабалеро Ледо; координаторот Фабио Гасперини; монсињор Паоло Рудели, заменик за општи работи во Државниот секретаријат; надбискупот Џордано Пичиноти, претседател на Администрацијата на имотот на Апостолскиот Престол; и надбискупот Џорџо Ферети, надбискуп на Фоџа-Бовино. Присутен беше и секретарот на Комисијата, Фабрицио Колачи.
Досегашната работа на Комисијата
За време на средбата, Папата имаше можност да се запознае со напредокот во работата на Комисијата. Посебно внимание беше посветено на анализата на економската и финансиската состојба на Фондацијата, како и на утврдувањето на најсоодветните решенија за да се обезбеди долгорочна одржливост на нејзиното делување, во светлината на обновувањето на болницата Casa Sollievo della Sofferenza во Сан Џовани Ротондо.
Комисијата ги претстави главните приоритети што во моментов ја насочуваат нејзината работа: стабилизирање на односите со персоналот, зајакнување на соработката со италијанските јавни институции, обезбедување на потребните ресурси и постепено намалување на главните обврски.
Овие активности се дел од мандатот што ѝ беше доверен на Комисијата со основачкиот хирограф. Неговата цел е да се обноват одржливите услови и да се спроведе планот за обнова, при што ќе се зачуваат континуитетот на болничките услуги и харизмата на основачот.
Папата Лав XIV внимателно ја сослуша досегашната работа на Комисијата, потврдувајќи ја својата решеност одблизу да го следи започнатиот пат.
Комисијата ќе продолжи со своите активности во согласност со доверениот мандат, дополнително разгледувајќи ги и постепено спроведувајќи ги утврдените насоки на дејствување. Целта е да се обезбедат континуитет и иднина за болницата и за делото основано од свети Пио од Пјетрелчина, во служба на болните и нивните семејства.
Ватикан њуз/к.мк

