Пишува: отец Гоце Костов
На денешен ден, 26 август 1910 година, во Скопје е родена света Мајка Тереза, светицата што Македонија му ја подари на светот. Нејзиниот живот е пример за нас дека големината на човекот се препознава во љубовта со која му служи на Бога во ближниот.
Родена како Агнес Гонџа Бојаџиу, таа од скопските улици го понесе во светот она што го стекна во овој град, семејството и Црквата: верата, скромноста и љубовта кон човекот во потреба. Растејќи во средина во која се среќавале различни вери, народи и обичаи, за неа не постоеле поделби по каква било основа. За неа Бог беше на прво место, а во лицето на сиромашните го гледаше Неговиот лик.
Нејзиниот животен пат ја одведе во Индија, меѓу најсиромашните во Калкута, каде што го посвети својот живот на болните, напуштените, гладните, заборавените и отфрлените, давајќи ни пример за христијанска љубов и милосрдие.
Света Мајка Тереза за Скопје и Македонија остава голем аманет. Затоа имаме должност достоинствено да ја чествуваме нашата светица и сведок на милосрдието, затоа што преку неа Скопје стана препознатливо во светот по љубовта кон сиромашните.
Но токму на денот на нејзиното раѓање добро е да се запрашаме: дали ќе ја чествувавме поинаку ако не беше католичка светица? Дали би добила повеќе внимание ако ѝ припаѓаше на друга вероисповед, друга заедница или друга политички попогодна приказна? Знам, прашањето не е пријатно, но треба да се постави.
Ако не сме кадарни да препознаеме што Скопје, нејзиното семејство и нејзината вера всадиле во неа, ако не умееме да го чуваме она што светот во неа го препозна како величина, тогаш треба искрено да си одговориме дали сме достојни за нејзиното дело.
Нејзината порака и денес останува актуелна: „Не можеме сите да правиме големи работи, но можеме мали работи со голема љубов.“ Токму тоа е повик и за Скопје и за Македонија со конкретни дела да го продолжат нејзиниот аманет.
Во своето предавање во Рим, одржано на 14 ноември 2023 година на конференцијата во чест на Мајка Тереза, под наслов „Мајка Тереза – секогаш жива порака“, епископот Стојанов потсети дека одговорот на Мајка Тереза и денес останува едноставен и силен. На прашањето што треба да се промени во Црквата, а можеме да додадеме и во светот, нејзиниот одговор би бил ист: „Треба да се промениме јас и ти.“ Многумина сонуваат да го променат светот, но малкумина избираат да дејствуваат како неа, а уште помалку имаат храброст да живеат, работат и служат како оваа скромна жена, Скопјанката од Калкута, света Мајка Тереза, порача во таа прилика епископот Стојанов.
Мајка Тереза се упокои на 5 септември 1997 година во Калкута, а за светица беше прогласена на 4 септември 2016 година од папата Фрањо. На денот на нејзиното раѓање, Скопје и Македонија треба да се потсетат на жената која од овој град тргна во светот и стана Мајка на сиромашните, но и искрено да се запрашаат дали навистина го чуваат нејзиниот аманет.
Во Скопје ќе се одржат „Денови на Света Мајка Тереза“ по повод 10 години од канонизацијата

