Папата Лав XIV во сабота, 4 јули 2026 година, ќе го посети италијанскиот медитерански остров Лампедуза. Најјужниот остров на Европа, како ретко кое друго место, стана симбол на кризната миграциска политика на Европската Унија. Иако во последните години бројот на пристигнувања на „вратата на Европа“ значително се намали, повеќе од половина од мигрантите што со чамци стигнуваат во Италија и понатаму доаѓаат преку Лампедуза.
Првата станица на папата Лав XIV утрото ќе биде островските гробишта. Таму Папата ќе положи цвеќе на гробовите на неколку мигранти, а потоа на пристаништето, каде што пристигнуваат бегалците со чамци, ќе благослови спомен-плоча посветена на неговиот претходник.
Папа Фрањо, кој ја водеше Црквата од 2013 до 2025 година, токму Лампедуза ја избра за своето прво патување како папа. Таму, во јули 2013 година, тој потсети на многубројните луѓе што се удавија во Средоземното Море на патот кон Европа.
Средби со власти и волонтери
Во 10.30 часот папата Лав XIV ќе предводи света Литургија на спортското игралиште на островот, кој има површина од околу 20 квадратни километри.
По мисата, Папата ќе се сретне со претставници на властите, со болни деца и со волонтери, пред да се врати во Рим.
Посета на „хотспотот“, првиот прифатен центар на островот, не е предвидена. Од таму мигрантите се распределуваат во други прифатни центри. Како и папата Фрањо, и папата Лав XIV ќе се сретне со бегалци што пристигнале со чамци во пристаништето.
Само пред четири недели, за време на своето патување во Шпанија, папата Лав XIV посети и голем прифатен центар за мигранти што пристигнуваат со чамци на островот Тенерифе. На Канарските Острови, Папата упати силни повици за интеграција, против трговијата со луѓе и за почитување на достоинството на мигрантите.
Наводно откажана посета на САД
Претстојната посета на Лампедуза уште пред нејзиното одржување привлече големо јавно внимание.
Според наводите, папата Лав XIV, првиот папа роден во Соединетите Американски Држави, поради ова патување одбил покана да присуствува на прославата на 250-годишнината од САД.
Прославата исто така се одржува на 4 јули, американскиот Ден на независноста.
Катпрес/к.мк

