Папата: Пишувањето нè води до Бога и помага да ги откриеме контурите на вистината

Папата: Пишувањето нè води до Бога и помага да ги откриеме контурите на вистината

Папата Лав XIV се сретна со писатели од целиот свет по повод 100-годишнината од Ватиканската издавачка куќа, потсетувајќи дека пишувањето е чин на човечност, вистина и потрага по Бога.

„Ни требате. Ни треба вашата имагинација, вашата наративна креативност и вашето размислување. Ни треба сето тоа за да создадеме простори на слобода и автентичност, во кои Божјата благодат може да направи да одекне ветувањето за утеха и мир.“

Со овие зборови папата Лав XIV во среда, 24 јуни 2026 година, им се обрати на писатели од различни делови на светот, собрани во Рим по повод 100-годишнината од основањето на Libreria Editrice Vaticana, Ватиканската издавачка куќа, основана во 1926 година.

Папата истакна дека пишувањето е форма на човечко изразување во која различните стилови и јазици можат да станат учители и примери.

Пишувањето е чин на вистина и откровение

Најнапред, рече Папата, пишувањето е чин на вистина и откровение, бидејќи преку него се открива кои сме, во што веруваме, на што се надеваме, кон каков свет се стремиме и за каква иднина сонуваме.

„Во ова барање на вистината чувствуваме дека вистината е суптилна и ни се открива во нашиот внатрешен дијалог со Бога, како и во нашиот отворен и почитувачки дијалог со ближните“, рече тој.

Папата предупреди дека човекот никогаш не е господар на вистината. Напротив, рече тој, вистината е таа што нè освојува.

Тој изрази надеж дека писателите ќе можат да ги инспирираат другите да бидат привлечени од вистината, токму затоа што и самите дозволиле вистината да ги привлече.

Пишувањето е чин на човечност

Второ, папата Лав истакна дека пишувањето е чин на човечност.

Литературата, рече тој, го опфаќа целиот спектар на човечкото искуство и ни дава поширока перспектива, која ја проширува нашата човечност.

„Развиваме имагинативна емпатија што ни овозможува да се идентификуваме со тоа како другите ја гледаат, доживуваат и искусуваат реалноста“, рече Папата. „Без таква емпатија не може да има солидарност, споделување, сочувство или милосрдие.“

Кога писателите создаваат приказни и ликови, читателите се препознаваат во нив, ги разбираат нивните погледи, чувства, емоции и ставови.

Папата го нарече читањето „големо поле за обука на човечноста“, бидејќи читателите, во извесна смисла, покрај својот, „живеат“ и многу други животи.

Таквото искуство ни помага да откриеме различни перспективи, да не ги апсолутизираме сопствените гледишта и, како во мозаик, да ги составуваме контурите на вистината што секогаш нè надминува.

Пишувањето нè води кон Бога

На крајот, папата Лав нагласи дека пишувањето се однесува и на Бога.

„Можеби ова изгледа како смело тврдење“, призна Папата, но потсети дека многу теолози размислувале и пишувале за хармонијата меѓу уметноста на пишувањето и откровението на библискиот Бог.

„Самата структура на Откровението ни дава основа да го кажеме тоа“, рече тој.

Папата го цитираше кардиналот Тимоти Радклиф, кој напиша: „За христијаните, ништо човечко не Му е туѓо на Христос. Секој обид да се соочиме со основните прашања на нашиот живот — како да љубиме, како да бидеме праведни, како да бидеме слободни, како да се соочиме со страдањето и смртта — ни помага да Го разбереме Христос, Оној Кој е најчовечен од сите.“

Бог се открива во човечките приказни

„Кога навлегуваме во самите длабочини на нашата човечност“, истакна папата Лав, „не сме далеку од Бога, бидејќи таму, среде многуте човечки приказни, Бог се открива Себеси.“

„Богот на Библијата“, продолжи Папата, „се објавува во ослободувањето од ропството, во раѓањето на син кога изгледало дека секоја надеж е изгубена, и во милосрдната и верна љубов.“

Бог, рече тој, зборува преку настани и средби, преку лица и приказни.

„Бог делува во нашиот живот преку она што го правиме и преку тоа кои сме, како и преку многуте луѓе што ги среќаваме“, им порача Папата на писателите.

Светиот Отец потсети дека токму затоа сакал да ги повтори зборовите што свети папа Павле VI им ги упати на уметниците: „Ни требате.“

На крајот, папата Лав XIV им се заблагодари на писателите за нивниот труд да сеат семе на помирување, средба и пријателство.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот