Папата Лав XIV ги поттикна христијаните својата мисија да ја вкоренат во личната средба со Христос, во молитва, тишина и созерцание, за да можат во секоја околност да сведочат за Евангелието со надеж, љубов и истрајност.
За време на неделната молитва Ангел Господов, во недела 21 јуни 2026 година, на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV ги потсети христијаните дека автентичното евангелизирање не произлегува пред сè од стратегии или техники, туку од лична средба со Христос, негувана во молитва, тишина и созерцание.
Размислувајќи за евангелскиот пасус од свети Матеј, во кој Исус ги испраќа Своите ученици на мисија, Папата се задржа на Господовиот повик да се изнесе на светлина она што најнапред било примено во интимноста на срцето.
„Она што ви го кажувам во темнина, кажете го на светлина; и она што го слушате на уво, разгласувајте го од покривите“, им вели Исус на Своите ученици.
Осврнувајќи се на контрастот меѓу она што се слуша „насамо“ и она што се проповеда јавно, папата Лав истакна дека Евангелието може веродостојно да се објавува само ако најнапред е лично искусено.
„Тој потсетува дека проповедањето на Евангелието е пред сè споделување на личната средба со Него, која е единствена за секој од нас“, рече Папата.
Автентичност пред техниките
Папата Лав објасни дека силата на христијанското сведоштво не зависи првенствено од методите, средствата или ресурсите, туку од делувањето на Светиот Дух и од искреноста на одговорот на верниците на Божјата благодат.
„Всушност, силата на секој апостолат — над техниките и алатките — доаѓа од делото на Светиот Дух во нас и од автентичноста на нашиот одговор“, рече тој.
Повикувајќи се на учењето на свети Тома Аквински, папата Лав потсети дека проповедањето значи „да им се пренесе на другите она што сме го созерцувале“ — contemplata aliis tradere.
Секој христијанин е повикан на созерцание
Папата ја отфрли идејата дека созерцанието е искуство резервирано само за мал број луѓе.
„Не смееме да мислиме дека созерцанието е исклучително искуство, наменето само за неколку светци или за монаси и пустиници“, рече тој.
Напротив, продолжи Папата, секој христијанин е повикан, среде секојдневните обврски, да најде моменти на тишина за да Го слуша Бога, да Му ги довери своите радости и грижи и да го преиспита својот живот во Неговото присуство.
Таквите моменти, објасни папата Лав, им помагаат на верниците да растат во „поцврста и посвесна вера“ и да станат „доверливи и слободни ученици“, способни да ја одразуваат светлината на Евангелието во секоја околност.
Истрајност и покрај противењето
Осврнувајќи се на историскиот контекст на Евангелието според Матеј, Папата потсети дека евангелистот им се обраќал на заедници кои доживувале непријателство и прогон.
Тие први христијани, забележа тој, се соочувале со многу од истите предизвици со кои и денес се соочуваат верниците во одредени делови од светот.
„Искушението да се обесхрабрат и да дозволат заморот или стравот да ги совлада беше големо“, рече Папата.
Сепак, додаде тој, предизвикот останува ист и денес: да се остане верен на Исусовото учење и да се проповеда Неговото слово.
„Сега, исто како и тогаш, предизвик е да се остане верен на учењето на Исус и да се проповеда Неговото слово: на омразата да се одговори со љубов, на ароганцијата со кротост, а на обесхрабрувањето со истрајност“, порача папата Лав XIV.
Папата ги охрабри христијаните да ги продлабочат корените на својата вера и мисија преку интимен однос со Господ, потсетувајќи и на учењето на папата Фрањо во Evangelii gaudium.
„На светот многу му е потребно тоа“, рече Папата, мислејќи на Христовата порака на надеж, љубов и мир.
Ватикан њуз/к.мк

