Во првата година од својот понтификат, папата Лав XIV стотици пати повика на помирување што е „невооружено и разоружувачко“ и ги повика „господарите на војната“ да ја слушнат „мелодијата поголема од нас самите“.
„Невооружен и разоружувачки.“ Со овие зборови, на зајдисонце на 8 мај 2025 година, на самиот почеток од својот понтификат, папата Лав XIV ја опиша својата визија за мирот.
На Божиќното утро тој објасни дека тоа не е само молк на оружјето што произлегува од прекин на огнот, дистанцирајќи се уште појасно од кревките договори на меѓународната геополитика.
Таквите договори можат да направат секој повик за помирување да изгледа разоружувачки во негативна смисла, како нешто што им ја одзема на луѓето волјата да реагираат, да одговорат или да се спротивстават. Тоа е онаа „голема уморност“ што се заканува да навлезе во срцата и да ги испразни зборовите од значење.
За време на благословот „Urbi et Orbi“ на 25 декември, Папата укажа на хоризонтот на еден „самоникнат мир“, инспириран од поетот Јехуда Амихај: помирување што никнува „одеднаш“, како самоникнати „цветови“, кои упорно, со навидум наивна сила, растат низ пукнатините на бетонот. „Нека дојде“, рече папата Лав, таа хармонија, „зашто на полето му е потребна“.
Повеќе од 400 спомнувања на „мир“
Зборот „мир“ се појавува повеќе од 400 пати во обраќањата што Римскиот епископ ги одржал во првата година од својот понтификат. Тој збор бил употребуван во различни контексти, почнувајќи од претставниците на медиумите, кои присуствуваа на првата средба на Папата во салата „Павле VI“.
„Вие сте на првата линија“ во известувањето за војните и во откривањето на стремежите за помирување што постојат во нив, рече Папата, охрабрувајќи ги новинарите да промовираат комуникација „способна да нè изведе од ‘Вавилонската кула’ во која понекогаш се наоѓаме, од збрката на јазици без љубов, често идеолошки или партиски“.
Мирот не почива под знамиња. Пред сè, мирот не е наивен. Затоа залудно е „господарите на војната“ да се преправаат дека „не знаат дека за уништување е потребен само миг, а за обнова често не е доволен ни цел живот“. Залудно е и да се преправаат дека „не гледаат дека се потребни милијарди долари за убивање и пустошење, додека средствата потребни за лекување, образование и подигање на луѓето тешко се наоѓаат“.
Преправањето нема смисла, бидејќи „луѓето почнуваат да сфаќаат колку пари завршуваат во џебовите на трговците со смрт“, рече папата Лав на средбата со учесниците на пленарното собрание на Организацијата за помош на Источните цркви (ROACO). Тој го разобличи парадоксот, додавајќи: „Парите што би можеле да се искористат за изградба на нови болници и училишта, наместо тоа се користат за уништување на оние што веќе постојат!“
Последиците од војната
Од првите спомнувања на мирот во Ватикан до неговите последни зборови, изговорени пред помалку од еден месец во срцето на Африка, во Баменда, Камерун, за време на средба во катедралата „Свети Јосиф“ посветена токму на помирувањето со локалната заедница, пораката на папата Лав за заедништво се протега низ различни временски и географски димензии.
Хармонијата за која говори Папата ги надминува палатите во кои „господарите на војната“ донесуваат „одлуки на смртта“ и се наведнува над уништените и беспомошни тела на оние што „се хранат само со очај, солзи и беда“.
Овие зборови одекнаа во седиштето на ФАО, Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство, како потсетување на една од многуте драматични последици од конфликтите: гладот.
Идолите што ги хранат конфликтите
Страсната седмица беше еден од најсилните моменти во апелите за мир на Римскиот епископ.
Утрото на Цветници, тој повтори дека никој не може да ја оправда војната во името на Бога: Бог „не ја слуша молитвата на оние што водат војна и ја отфрла, велејќи: ‘И да ги умножувате молитвите, нема да ве слушам; рацете ви се полни со крв’“.
Како наследник на Петар, Папата се наведнува над раните на војната. Гледа одоздола нагоре, а истовремено се издигнува над оние што се „робови на смртта“, бидејќи „му свртеле грб на живиот Бог“ за од себе и од својата моќ да направат нем, слеп и глув идол.
Затоа, како што неговите зборови ја опфаќаат целата широчина на мирот, папата Лав не изоставува ниту еден од идолите што ги хранат денешните конфликти. Кога не е жедта за моќ, често е жедта за пари, како што потсети за време на своето патување во Кнежевството Монако.
Леснотијата на помирувањето
Зборовите изговорени за време на Страсната седмица, по Бројаницата за дарот на мирот, беа тешки, но избалансирани со идеја за хармонија што носи и леснотија. Тој говореше за хармонија што ја допира земјата само за да танцува во ритамот на музиката, како што потсети во Либан.
„Тоа е како внатрешно движење што се излева нанадвор, овозможувајќи ни да оставиме да нè води мелодија поголема од нас самите, мелодијата на Божјата љубов“, ги увери луѓето во земја што, како ретко која друга, ги чувствува воздишките на војната.
Меѓу танцот и патувањето, мирот е нешто кон што се оди, со сигурност дека еден ден ќе биде достигнат. Во спротивно, темата што Папата ја избра за 59. Светски ден на мирот не би имала значење: „кон“ мир што е токму „невооружен и разоружувачки“.
Смелоста на разоружувањето
Апелите на Папата ја допираат конкретната реалност на конфликтите и еден од нивните најочигледни поттикнувачи: трката во вооружување.
Како што самиот Римски епископ потсети, глобалните воени трошоци во 2024 година пораснале за 9,4 проценти, потврдувајќи непрекинат десетгодишен тренд, и достигнале 2.718 милијарди долари, односно 2,5 проценти од светскиот БДП.
„Вратете го ножот!“, ги повика Папата моќниците на светот, преземајќи ги зборовите на Исус и повикувајќи ги да имаат „смелост за разоружување“ за време на бдение за мир во октомври 2025 година.
Денес оружјето се променило: од мечеви до дронови, кои ја изобличуваат сликата за војната во „сцена од видеоигра“. Сепак, војната останува драматична реалност на која не смееме да се навикнеме, како што силно нагласи на крајот од Генералната аудиенција на 18 јуни 2025 година.
Спортот и културата како средства за помирување
Потребно е да се најдат креативни начини за да се избегне „рамнодушноста за правда“. Овие зборови доаѓаат од писмо што Папата го напиша токму за да укаже на едно такво средство на заедништво: вредноста на спортот, кој учи дека во натпреварот, а уште повеќе во животот, „падот никогаш не е последниот збор“.
Самите христијани, рече папата Лав на Генералната аудиенција на 3 септември 2025 година, не го победуваат злото со сила, туку „со целосно прифаќање на љубовта“.
Заедништвото минува и преку созерцание и преку вредноста на учењето, промовирајќи, како што побара од италијанските епископи, „патишта на воспитување во ненасилство“. Говорејќи за мирот, Папата ја призна потребата од „преусогласување на политиките“ поврзани со образованието, кое поттикнува „култура на сеќавање“, способна да ја зачува „свеста стекната во дваесеттиот век“ и да не ги заборави милионите жртви.
„По толку векови историја, како некој може да верува дека воените дејства носат мир и не им се враќаат како последица на оние што ги вршат?“, праша тој, повторно обраќајќи се до ROACO.
Сè може да се заборави, дури и „светлината“, призна Папата. И така нека дојде „дивиот мир“: тврдоглавиот цвет среде бетонот, со разоружувачка убавина.
Ватикан њуз/к.мк

