Помпеја се подготвува да го пречека папата Лав XIV на првата годишнина од неговиот понтификат
Помпеја со голема радост се подготвува за посетата на папата Лав XIV, кој на 8 мај 2026 година ќе пристигне во овој маријански град на првата годишнина од својот понтификат и на празникот на Пресвета Богородица од Помпеја, која се почитува во тамошното Светилиште.
Надбискупот Томасо Капуто, папски делегат за Светилиштето, ја опиша посетата како „посебен дар“ за целата заедница. Тој истакна дека верниците го очекуваат Светиот Отец со благодарност и молитва, со надеж дека Помпеја уште повеќе ќе биде „светилиште на светлината, училиште на молитвата и тврдина на мирот“.
Посетата доаѓа единаесет години по ходочестието на папата Фрањо во Помпеја во 2015 година. Пред него, градот го посетиле и свети Иван Павле II, во 1979 и 2003 година, како и папата Бенедикт XVI во 2008 година, кога се помоли пред ликот на Богородица.
Во средиштето на посетата ќе биде светата Литургија, која папата Лав XIV ќе предводи во 10:30 часот на плоштадот пред Светилиштето. По Литургијата, Светиот Отец ќе ја предводи традиционалната молитва кон Богородица од Помпеја, составена во 1883 година од основачот на Светилиштето, свети Бартоло Лонго. Се очекува десетици илјади верници да го пречекаат Папата, а организаторите веќе добиле голем број барања за учество.
Посетата ќе започне со средба со претставници на „Храмот на милосрдието“, кои ги поддржуваат добротворните иницијативи на Светилиштето. Потоа Папата ќе помине со папамобил низ околните улици, а пред Литургијата ќе се сретне со болни, лица со попреченост и стари лица.
Надбискупот Капуто нагласи дека најважната подготовка е духовната, особено преку молитвата на Светата Бројаница. Истовремено, во тек се и обемни логистички подготовки, во соработка со локалните институции и бројни волонтери.
Помпеја е современ и гостопримлив град со околу 25.000 жители, кој секоја година прима милиони посетители и ходочесници. Сепак, градот се соочува и со социјални предизвици, особено со несигурна работа и тешкотии за младите при вработување и основање семејство.
За време на посетата, папата Лав XIV ќе се помоли и пред капелата на свети Бартоло Лонго, канонизиран во 2025 година. Надбискупот Капуто истакна дека неговиот живот на преобраќање и денес сведочи дека никој не е исклучен од Божјата љубов.
Ватикан њуз/к.мк

