Папата Лав XIV можеби ќе го посети Кнежевството Монако

Папата Лав XIV можеби ќе го посети Кнежевството Монако

Канцеларијата за печат на Светиот Престол соопшти дека се разгледува можноста папата Лав XIV да го посети Кнежевството Монако кон крајот на март. Доколку посетата биде потврдена, тоа би било второ патување во текот на неговиот понтификат и прва Папска посета на оваа Кнежество во современата историја.

Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја објави оваа информација во вторник, одговарајќи на прашања од новинари на повеќе новински агенции. Посетата би траела еден ден и би се одржала кон крајот на март.

Првото патување на папата Лав XIV надвор од Италија се одржа од 27 ноември до 2 декември 2025 година, кога тој ги посети Турција и Либан. За време на повратниот лет, одговарајќи на прашање од новинар за идните патувања, Светиот Отец ја изрази својата желба да го посети Алжир, со цел да ги посети местата поврзани со свети Августин и да го продлабочи дијалогот меѓу христијанскиот и муслиманскиот свет. „Се разбира“, рече тој, „би сакал многу да ја посетам Латинска Америка“, спомнувајќи ги Аргентина и Уругвај, кои се надеваат на Папска посета, како и Перу, земјата во која Роберт Превост првично служеше како мисионер, а подоцна и како бискуп.

На 17 јануари 2026 година, папата Лав XIV во Ватикан го прими во аудиенција кнезот Алберт II од Монако. Потоа следуваа средби во Државниот секретаријат. Како што соопшти тогаш Канцеларијата за печат на Светиот Престол, разговорите биле посветени на добрите билатерални односи и на придонесот на Католичката Црква во општествениот живот на Кнежевството. Во средбите со државниот секретар кардиналот Пјетро Паролин и со надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите и меѓународните организации, биле разгледани прашања од заеднички интерес, вклучително и грижата за животната средина, хуманитарната помош, како и заштитата и унапредувањето на човечкото достоинство. Исто така биле разменети мислења за меѓународните случувања, со особено внимание на мирот и безбедноста.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот