Научното списание Archaeometry, кое во минатото објави хипотеза на бразилскиот истражувач Чичеро Мораес за потеклото на Плаштаницата од Торино, сега објави и научен одговор на специјалистите Тристан Касабјанка, Емануела Маринели и Алесандро Пиана, кои детално ја побиваат таа теза.
Минатото лето, медиумите известуваа за студијата на бразилскиот истражувач Чичеро Мораес, кој предложи дигитална реконструкција на ликот од Плаштаницата и ја поддржа хипотезата дека таа настанала во Средниот век со употреба на барелјеф. Во неодамна објавениот текст во Archaeometry, оваа хипотеза е оспорена точка по точка.
Тројцата специјалисти за Плаштаницата од Торино укажуваат дека студијата на Мораес се темели на нејасно поставени цели, методолошки пропусти и погрешно расудување. Со тоа тие ја потврдуваат критиката што уште минатото лето ја искажаа архиепископот на Торино и чувар на Плаштаницата, кардинал Роберто Реполе, како и Меѓународниот центар за истражување на Плаштаницата во Торино (CISS). Особено значајно е тоа што оваа научна критика е објавена во истото академско списание во кое беше објавена и оригиналната статија на Мораес.
Континуирана расправа
Расправаata за автентичноста на Плаштаницата отсекогаш било живо, уште од првата фотографија направена во 1898 година од фотографот Секондо Пија. Денес, дебатата главно се води во меѓународни научни списанија. Во 2019 година беше доведено во прашање познатото радиојаглеродно датирање (1260–1390), објавено во Nature во 1989 година, преку нова анализа на суровите податоци, исто така објавена во Archaeometry.
Минатото лето, во истото списание, Мораес објави текст што ја поддржува тезата за средновековна фалсификација. Според него, барелјефот создава вид на контакт што подобро одговара на контурите видливи на Плаштаницата отколку тридимензионалниот волумен на човечкото тело. Од ова тој извлече заклучок за средновековно уметничко потекло. Но уште од моментот на објавувањето, неговата работа предизвика бројни сомнежи кај стручната јавност. Кардинал Реполе тогаш изрази загриженост поради „површноста на одредени заклучоци, кои не подржуваат подетално научно испитување“.
Слабости во анализата на Мораес
Коментарот што неодамна беше објавен во Archaeometry целосно ја потврдува оправданоста на таа критика. Авторите укажуваат на бројни слабости: анатомски неточен модел, кој ја прикажува само предната страна на телото; заменети лева и десна страна кај рацете и стапалата; произволно избрана висина од 180 см, што отстапува од научниот консензус од 173–177 см; користење нејасни поими за „сличност“ без прецизни мерења; како и избор на единствена фотографија од 1931 година, иако постојат понови и поквалитетни снимки. Дополнително, моделот не бил симулиран на лен, туку на памук.
Уште посериозно е тоа што тридимензионалното моделирање на Мораес ги игнорира главните специфични карактеристики на Плаштаницата: исклучителната површност на ликот (длабочина од околу една петина од илјадити дел од милиметар) и повеќекратните независни потврди за присуство на крв, што е неспојливо со каква било средновековна уметничка техника. Авторите затоа го доведуваат во прашање научниот кредибилитет на модел кој не ги репродуцира верно анатомските особености на Човекот од Плаштаницата и ги игнорира неговите најзначајни физичко-хемиски својства.
Студијата на Мораес исто така занемарува дека повеќе варијанти на хипотезата за барелјеф биле веќе разгледани и отфрлени во научните списанија уште во раните 1980-ти години. Исто така се занемарува фактот дека прашањето за анатомските деформации при контакт на телото со платно било темелно анализирано уште во 1902 година од францускиот научник Пол Вињон.
Слаби историски основи
Според коментаторите, и историските основи на првичната студија се слаби. За да објасни како би можел некој уметник или фалсификатор да ја осмисли и изработи таа единствена слика на гол Христос, прикажан однапред и одзади по распнувањето, Мораес мора да поврзува временски периоди и места кои немаат меѓусебна врска. Касабјанка, Маринели и Пиана укажуваат дека тоа претставува логичка грешка, која, ако се примени пошироко, би ги разнишала самите темели на историјата на уметноста. Самата слика е толку надвор од традиционалниот уметнички контекст што дури и главниот историчар на кого се повикува Мораес, Вилијам С. А. Дејл, бил убеден дека таа не можела да настане во Франција во 14 век, туку во византискиот период, најмалку 200 години порано и околу 2.000 километри подалеку од Шампања.
Во својот одговор на овие критики, исто така објавен во списанието, Мораес ги задржува своите заклучоци, но појаснува дека неговата статија нуди „строго методолошка“ перспектива, фокусирана на процена на морфолошката деформација при проекција на тело врз платно. Сепак, тој излегува надвор од таа рамка, наведувајќи четири уметнички дела од 11 до 14 век кои наводно можеле да го инспирираат творецот на Плаштаницата. Но ниту едно од нив не прикажува гол Христос по распнувањето и затоа не може да го објасни појавувањето на оваа слика во мало француско село во средината на 14 век.
Од почетокот на 20 век, Човекот од Плаштаницата постојано поттикнува бројни прашања и научни истражувања. Оваа најнова академска полемика покажува дека, иако современите алатки, вклучително и дигиталните, можат да го продлабочат нашето знаење, заклучоците за потеклото на еден толку единствен објект како Плаштаницата бараат исклучителна методолошка и историска строгост.
Ватикан њуз/к.мк
l

