Порака на Папата Лав XIV за Денот на болните: Љубовта не е пасивна, таа се грижи за другиот
Во својата порака за 34. Светски ден на болните, кој ќе се прослави во Чиклајо, Перу, папата Лав XIV се присетува на годините што ги поминал таму како мисионер и бискуп, каде што конкретно го искусил милосрдието и сочувството кон болката што нè допира и која, затоа, не ни е туѓа. Наспроти културата на брзање, потребна е близина што ги надминува ритуалните норми, за да се обнови визијата за самопочит што не се темели на стереотипи за успех или кариера.
Пасивноста подразбира отуѓеност, која е спротивна на тагата што го исполнува плачот кога некој ќе се разболи. Но понекогаш, преплавени од итноста сè да правиме во брзање, дури и љубовта и близината стануваат одлука што треба да ја донесеме, кршејќи ги ритуалните норми. Со тоа не му правиме добро само на ближниот, туку и на самите себе, бидејќи се раѓа нов облик на самопочит заснован на мерката на сочувството, а не на стереотипите за успех, кариера или општествена положба. Во пораката за 34. Светски ден на болните, објавена на 20 јануари 2026 година, папата Лав XIV непосредно црпи размислувања од сопственото искуство од времето кога делувал како мисионер и бискуп во Чиклајо, Перу, каде што ќе се прослави Денот на болните, кој нé повикува да љубиме носејќи ги болките на другите и следејќи ги чекорите на добриот Самарјанин.
Раната на културата на брзање
Параболата од Евангелието според Лука е темелната нишка што ја проникнува пораката за Светскиот ден на болните, кој ќе се одбележи на 11 февруари. Станува збор за текст кој, како што пишува Папата, е секогаш актуелен и неопходен повторно да ја откриеме убавината на љубовта кон ближниот и општествената димензија на сочувството. Тоа е вредност која, вдахновена од мислите од енцикликата Fratelli tutti на папата Фрањо, не се сведува на чисто индивидуален напор, туку своето исполнување го наоѓа во односот. Светиот Отец притоа истакнува:
Живееме потонати во култура на брзина, моменталност и брзање, но и на отфрлање и рамнодушност, која нè спречува да се доближиме и да застанеме на патот за да ги погледнеме потребите и страдањата што нè опкружуваат.
Да се одлучи да се љуби
Вдахновен од евангелскиот текст, Римскиот бискуп потсетува дека, кога го видел ранетиот човек покрај патот кон Ерихон, добриот Самарјанин не го заобиколил, туку застанал и му пружил човечка и солидарна близина. Повеќе од тоа, како што пишува папата Фрањо, му го подарил своето време. Затоа поуката од таа парабола не е толку во препознавањето кој е нашиот ближен, колку во тоа ние самите да станеме ближни. Тоа е клучот на читањето што веќе го истакнувал свети Августин, пишувајќи дека никој не му е ближен на другиот додека доброволно не му се приближи. Така ближен станал оној што покажал милосрдие, забележува Петровиот наследник и додава:
Љубовта не е пасивна, таа оди во пресрет на другиот. Да се биде ближен не зависи од физичката или општествената близина, туку од одлуката да се љуби. Затоа христијанинот станува ближен на оној што страда, следејќи го примерот на Христос, вистинскиот божествен Самарјанин, кој му се приближи на ранетото човештво.
Учествување во страдањето на другите
Сочувството не може да се сведе на обична филантропија, пишува понатаму Светиот Отец, туку треба да се оствари во знаци на лично учество во страдањето на другите, надминувајќи ги сопствените потреби, сè до тоа нашата личност да стане дел од дарот, како што истакнувале папата Бенедикт XVI во енцикликата Deus caritas est и свети Иван Павле II во апостолското писмо Salvifici doloris.
Да се открие љубовта преку болните
Говорејќи за својата средба со лепрозните, свети Фрањо Асишки раскажувал како самиот Господ го довел кај нив, бидејќи преку нив ја открил слатката радост на љубовта, пишува папата Лав XIV. Свети Амвросиј исто така истакнувал дека дарот на средбата произлегува од поврзаноста со Исус Христос, кого Го препознаваме како добриот Самарјанин што ни донесе вечно спасение и Кого Го правиме присутен кога се наведнуваме над ранетиот брат. Затоа Папата повикува:
Да бидеме едно во Едниот, во близината, во присуството, во примена и дарувана љубов, и да уживаме, како свети Фрањо, во сладоста на таа средба.
Грижата на членовите на семејството и на здравствените работници
Римскиот бискуп се осврнува и на уште еден став на добриот Самарјанин, а тоа е сочувството. Тоа е длабоко чувство што нè поттикнува на делување, што извира од внатрешноста и во нас создава ангажираност за страдањето на другите. Сочувството не е ниту теоретско ниту само сентиментално, туку се претвора во конкретни гестови кои папата Лав јасно ги истакнува: да се приближиме, да ги превиеме раните, да го преземеме товарот и да се погрижиме. Сето тоа, нагласува Папата, не се случува изолирано. Самарјанинот, имено, му го доверува ранетиот човек на гостилничарот, кој исто така е повикан да се грижи за него, како што и ние сме повикани меѓусебно да се сретнеме и да изградиме „ние“ што е посилно од збирот на поединечните индивидуалности. Притоа потсетува:
Во моето искуство како мисионер и бискуп во Перу, и јас видов како многу луѓе го споделуваат милосрдието и сочувството на начин на Самарјанинот и гостилничарот. Членови на семејството, ближни, здравствени работници, лица вклучени во здравствениот пасторал и многу други кои застануваат, се приближуваат, лекуваат, носат, придружуваат и го даваат она што го имаат, му даваат на сочувството општествена димензија. Тоа искуство, што се остварува во испреплетувањето на односите, го надминува обичниот индивидуален ангажман.
Здравјето на едно општество
Самиот папа Лав XIV пишува за грижата за болните и во Апостолскиот поттик Dilexi te, во кој ја истакнал како суштински дел од црковната мисија и како автентично црковно делување. Папата притоа се повикува на списите на свети Кипријан за ширењето на чумата во неговото време, за да покаже дека токму во такви околности се мери „здравјето“ на едно општество, па и на денешното:
Таа епидемија, таа чума, која изгледа страшна и погубна, ја става на испит праведноста на секој човек и ги преиспитува чувствата на човечкиот род: дали здравите им служат на болните, дали членовите на семејството ги љубат своите ближни со почит, дали господарите имаат сочувство кон болните слуги, дали лекарите ги напуштаат болните што бараат помош.
Болката што нè допира
Да се биде во Едниот, повторно истакнува Папата, значи да се зафатиме со тоа да бидеме членови на едно тело, во кое секој, според својот повик, го носи божественото сочувство за општото страдање:
Болката што нè допира не ни е туѓа. Таа е болка на еден член од нашето сопствено тело, за кој нашата Глава нè повикува да се грижиме, за доброто на сите.
Неразделни љубови
Размислувајќи понатаму за покажувањето близина кон болниот, Петровиот наследник повторно се повика на Евангелието според Лука: „Љуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој ум, и својот ближен како самиот себе“. Тоа е двојна заповед што го признава приматот на љубовта кон Бог и нејзиното непосредно одразување во начинот на кој човекот љуби и се однесува кон другите во сите свои димензии. Тие две љубови се различни, но неразделни, истакнува Светиот Отец и додава:
Приматот на божествената љубов подразбира човекот да ги врши своите дела без да бара лична корист или награда, туку како израз на љубов што ги надминува ритуалните норми и се претвора во вистинска служба. Да му се служи на ближниот значи да се љуби Бог преку конкретни дела.
Човекот се остварува во односите
На тој начин повторно го откриваме и вистинското значење на љубовта кон самите себе, ослободувајќи ја самопочитта од стереотипите за успех, кариера, општествена положба или потекло и враќајќи се во исправна лична положба пред Бог и братот. Така пишува папата Бенедикт XVI во енцикликата Caritas in veritate:
Како суштество со духовна природа, човекот се остварува во меѓучовечките односи. Колку поавтентично ги живее, толку повеќе го развива својот личен идентитет. Вредносната проценка за себе ја донесува ставајќи се во однос со другите и со Бог, а не изолирајќи се од нив.
Самарјанската димензија
Папата Лав XIV ја завршува пораката за Светскиот ден на болните изразувајќи надеж за таков стил на живот што нема да ја занемари самарјанската димензија, вклучива и храбра, посветена и солидарна, вкоренета во заедништвото со Бог:
Запалени од таа божествена љубов, ќе можеме навистина да се даруваме за доброто на сите што страдаат, а особено за нашите болни, стари и страдални браќа.
Ватикан њуз/к.мк
За авторот
Слични написи
Божиќна честитка на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија

