За време на Божиќниот концерт во во Сикстинската капела на 3 јануари 2026 година, папата Лав XIV нагласи дека музиката не е украс на Божиќ, туку негова суштина. Во говор полн со библиски слики и чувствителност за страдањето на светот, Светиот Отец го посвети концертот на децата кои го доживеале Божиќ без светлина, достоинство и мир.
Вечерта на 3 јануари 2026 година, Сикстинската капела повторно стана простор каде што се среќаваат убавината на уметноста и големината на верата. Папата Лав XIV им се обрати на учесниците на Божиќниот концерт во Сикстинската капела со поздрав во кој музиката беше претставена како универзален јазик на молитвата – јазик што зборува не само на умот, туку и на срцето.
Светиот Отец изрази искрена благодарност до Сикстинската капела за тоа што им помага на присутните да се потопат во таинството на Христовото раѓање преку музика и песна. Тој ги поздрави маестро-диригентот монсињор Маркос Паван и маестро Микеле Маринели, директор на Пуери Канторес, како и сите пејачи кои ја продолжуваат речиси 1.500-годишната традиција на хорови во служба Папската Литургија.
„Нема Божиќ без песна“, нагласи папата Лав XIV, потсетувајќи дека во сите народи и култури настанот Витлеем се слави со музика. Самото Евангелие сведочи дека при раѓањето на Спасителот ангелите пееле „Слава на Бога во висините и мир на земјата“. Папата, исто така, го привлече вниманието на првите сведоци на овој „прв Божиќен концерт“ – пастирите од Витлеем, кои по средбата со Детето се вратиле, славејќи го и фалејќи го Бога. Со топол и човечки допир, тој сподели дека ги замислува како пеат и свират едноставни флејти.
Во својот говор, Светиот Отец исто така истакна уште еден, подлабок простор на небесната музика – срцето на Дева Марија. Од неа, рече Папата, Црквата учи тишина и внатрешно слушање, за да може верно да го исполни „делот“ што Господ му го доверува на секој човек во „партитурата на животот“.
Во својот поздрав, Папата не го заборави страдањето во светот. Во овој контекст, папата Лав XIV го посвети концертот на децата кои во многу делови од планетата го доживеале Божиќ без светло, без музика, без најнеопходното за човечкото достоинство и без мир. Тој се помоли Господ да го слушне „тивкото воздивнување“ на овие малечки и, преку застапништвото на Пресвета Богородица, да му подари на светот правда и мир.
На крајот од својот говор, Папата повторно ѝ се заблагодари на Сикстинската капела и им упати новогодишни желби на сите присутни – со надеж дека музиката и молитвата ќе продолжат да бидат извор на утеха и надеж за светот.
Ватикан њуз/к.мк

