Од централната ложа на Ватиканската базилика, папата Лав XIV за прв пат ја упати својата традиционална божиќна порака Urbi et orbi – До градот и светот – повикувајќи на солидарност со слабите и угнетените. Се молеше за жртвите од сите војни во светот, а неговите мисли беа насочени кон Газа, Блискиот Исток, измачената Украина и неколку земји во Африка, Азија и Латинска Америка. Јубилејната година се ближи кон крајот, но Христос, нашата надеж, секогаш останува со нас.
Мир. Мир. Мир. Речиси осум месеци по неговиот избор за Папа, папата Лав XIV повторно се појави денес, 25 декември 2025 година, од централната ложа на Ватиканската базилика за да го охрабри помирувањето во секој агол на Земјата. На денот на раѓањето Господово, неговиот силен апел одекна меѓу илјадниците поклоници собрани на плоштадот „Свети Петар“. Римскиот епископ ги поздрави возејќи се по плоштадот во папамобилот, по светата Литургија која ја служеше во базиликата утрово.
Мирот го менува светот
Оној кој не љуби не е спасен; тој е изгубен – нагласи Папата, потсетувајќи го Градот и светот дека Бог, кој нè создал без нас, не може да нè спаси без нас. Затоа, тој поттикна да имаме „слободна волја за љубов“:
Ова е патот кон мирот: одговорност. Ако секој од нас – на сите нивоа – наместо да ги обвинува другите, прво ги препознаеше сопствените недостатоци и го молеше Бога за прошка за нив, а во исто време се ставеше во кожата на оние што страдаат, покажувајќи солидарност со оние што се послаби и угнетени, тогаш светот би се променил.
Отфрлете ја омразата и започнете дијалог
Исус Христос е нашиот мир – истакна Папата – и ни го покажува патот за надминување на сите конфликти, бидејќи без срце кое е ослободено од гревот, без срце кое простува, не можеме да бидеме градители на мирот.
Тој е Спасителот. Со Неговата благодат, секој може и мора да го направи својот дел за да ги отфрли омразата, насилството и конфликтите за да живее дијалогот, мирот и помирувањето.
Правда и стабилност за Блискиот Исток
Потоа папата Лав XIV ги упати своите мисли на сите христијани, особено на оние што живеат на Блискиот Исток, со кои се сретна за време на неговото неодамнешно апостолско патување во Турција и Либан. Ги слушнав нивните стравови и добро го познавам нивното чувство на немоќ пред динамиката на моќта што ги надминува – нагласи Папата, додавајќи: Детето кое се раѓа денес во Витлеем е истиот Исус кој вели: „Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.!“ (Иван 16,33).
Од Него молиме за правда, мир и стабилност за Либан, Палестина, Израел и Сирија, верувајќи во овие божествени зборови: „Дело на правдата ќе биде мирот, и плод на правосудството – спокојство и безопасност засекогаш“ (Исаија 32:17).
Христијанските корени на Европа и молитва за измачената Украина
Потоа, Римскиот епископ го насочи погледот кон целиот европски континент, за кој посака дух на заедништво и соработка, верен на своите христијански корени и својата историја, солидарност и отвореност кон оние на кои им е потребна помош. Тој поттикна посебна молитва за Украина, која е во центарот на драматичен конфликт од февруари 2022 година:
Посебно се молиме за измачениот украински народ: нека стивне вревата на оружјето и вклучените страни, со поддршка на ангажманот на меѓународната заедница, нека најдат храброст за искрен, директен и смирен дијалог.
Близина со жртвите на заборавените војни и со африканскиот народ
Папата, исто така, од Витлеемското Дете молеше за мир и утеха за жртвите од сите војни што се водат во светот, особено за оние што се заборавени, и за сите оние што страдаат од неправда, политичка нестабилност, верски прогон и тероризам. Тој посебно ги спомена браќата и сестрите во Судан, Јужен Судан, Мали, Буркина Фасо и Демократска Република Конго.
Апел за прекин на насилството во Хаити и охрабрување за Латинска Америка
Папата, исто така, изрази надеж за мир и помирување за саканиот народ на Хаити и за крај на сите форми на насилство во таа земја. Тој, исто така, се помоли Детето Исус да ги вдахнови оние кои имаат политичка одговорност во Латинска Америка да отворат простор за дијалог за општото добро, а не за идеолошки и партиски предрасуди.
Надеж за помирување во Мјанмар
Папата Лав XIV спомена и неколку азиски земји. За Тајланд и Камбоџа, кои неодамна беа зафатени од прекугранични конфликти, се помоли за обновување на старите пријателства, додека за луѓето од Јужна Азија и Океанија, кои беа сериозно погодени од неодамнешните разорни природни катастрофи, ги повика сите да ја обноват својата заедничка посветеност на помагањето на оние кои страдаат. Потоа ги насочи своите мисли кон Мјанмар:
Го молиме Кнезот на мирот да го осветли Мјанмар со светлината на иднината на помирување: да ја врати надежта на помладите генерации, да го води целиот бурмански народ по патиштата на мирот и да ги придружува оние кои живеат без дом, безбедност или без надеж за иднината.
Исус се идентификува со луѓето од Газа и Јемен
Во пораката на Римскиот епископ упати силен поттик да не дозволиме да бидеме совладани од рамнодушност кон оние што страдаат, бидејќи Бог не е рамнодушен кон нашите беди. Покрај тоа, Тој се идентификува со сите нас:
Со оние кои повеќе немаат ништо и изгубиле сè, како што се луѓето од Газа; со оние кои се погодени од глад и сиромаштија, како што се луѓето од Јемен; со оние кои бегаат од својата земја во потрага по иднина на друго место, како бројните бегалци и мигранти кои го преминуваат Медитеранот или патуваат низ американскиот континент; со оние кои ги изгубиле своите работни места и оние кои ги бараат, како многуте млади луѓе кои имаат тешкотии да најдат работа; со оние кои се експлоатирани, како претерано недоволно платени работници; со оние кои се затворени и често живеат во нехумани услови.
Јубилејот завршува, но надежта не завршува
Папата Лав XIV повика за мирот што извира, повикувајќи се на стиховите на израелскиот поет Јехуда Амихај, охрабрувајќи нé да ги пречекаме оние што се во неволја и страдаат:
За неколку дена ќе заврши Јубилејната година. Светата Врата ќе се затвори, но Христос, нашата надеж, секогаш останува со нас! Тој е секогаш отворената Врата што нè води во божествениот живот. (…) Во Него секоја рана е исцелена и секое срце наоѓа одмор и мир. „Господовиот Божиќ е Божиќ на мирот“.
Честитки на различни јазици
На крајот, Папата им посака на сите Среќен Божиќ на десет различни јазици: италијански, француски, англиски, германски, шпански, португалски, полски, арапски, кинески и латински:
Потполн опрост
Пред благословот „Урби ет Орби“ даден од папата Лав XIV, кардиналот протоѓакон Доминик Мамберти, кој беше покрај Папата заедно со кардиналот Марио Грех, генерален секретар на Генералниот секретаријат на Синодата објави доделување на потполн опрост на сите присутни верници и на оние кои го примаат неговиот благослов преку радио, телевизија и новите комуникациски технологии.
Ватикан њуз/к.мк

