Во Скопската катедрала бискупот Стојанов служеше полноќна божиќна света Литургија

Во Скопската катедрала бискупот Стојанов служеше полноќна божиќна света Литургија

Во среда, 24 декември 2025 година свечената полноќна божиќна света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов во сослужение со катедралниот парох дон Винко Маслаќ, деканот протојереј ставрофор отец Зоран И. Стојанов, бискупскиот канцелар о. Марјан Ристов и протојереј отец Гоце Костов

На свеченоста присуствуваше претседателката на Македонија Гордана Силјановска-Давкова, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска, претседателот на 62-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации Срѓан Керим, градоначалници, претставници на МПЦ – ОА, претставници на државни институции, членови на дипломатскиот кор во Македонија, црковни и граѓански асоцијации, претставници на општествениот живот и голем број верници.

Во својата Божиќна проповед, бискупот Стојанов се осврна на завршувањето на Светата Јубилејна 2025 година, истакнувајќи дека јубилејот беше посветен на помирувањето, солидарноста и обновата на верата, како и на размислување на односот кон човековото достоинство. Тој напомена дека воплотувањето на Божјото Слово, како централна христијанска вистина, му дава неповредливо достоинство на секој човек и ја осветлува смислата на човечкото постоење.

Во контекст на глобалните општествени и глобални предизвици, бискупот сврте внимание на насилството, војните и деградацијата на човечкото достоинство во различни делови од светот, нагласувајќи дека Божиќната порака повикува на поинаков поглед кон човекот и светот, кој е заснован на Христовата светлина. Во таа смисла, беше спомната и опасноста од комерцијализацијата на Божиќ, која може да ја засени суштината на празникот.

Во проповедта бискупот повика да го препознаеме нашето достоинство, но и на одговорно и критичко расудување во општествените процеси, предупредувајќи на релативизирање на вредноста на човечкиот живот при што рече дека никој нема право да го прекине, па и тогаш кога законските прописи сугерираат голема слобода, а всушност ги загрозуваат животите на старите и болните. Проповедта ја заврши, посакувајќи има на сите среќен и благословен Божик – Христос се роди!

За време на светата божиќна полноќна Литургија пееше катедралниот хор под водство на Јулија Нелковска, а на оргули свиреше Филип Костов и Лука Костов

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот