Лав XIV: Потребни ни се политики што го штитат достоинството на малолетниците во ерата на вештачката интелигенција
Папата Лав XIV ги прими во аудиенција учесниците на конференцијата „Достоинството на децата и адолесцентите во ерата на вештачката интелигенција“ и ги повика владите и меѓународните организации да ги ажурираат законите за заштита на податоците. Тој, исто така, изрази желба возрасните да бидат едуцирани за ризиците од предвремен, неограничен и неконтролиран пристап до технологиите. Светиот Отец нагласи дека само преку образовен, етички и одговорен пристап можеме да обезбедиме вештачката интелигенција да стане сојузник, а не закана.
Соодветните политики и дигиталното образование за возрасни се фактори што папата Лав XIV ги смета за неопходни за да се обезбеди вештачката интелигенција да биде наш сојузник, а не закана. Тој го истакна ова во говорот што го одржа во четврток, 13 ноември 2025 година, примајќи ги во аудиција учесниците на конференцијата насловена како „Достоинството на децата и адолесцентите во ерата на вештачката интелигенција“, што се одржа во Ватикан, организирана од здруженијата Телефоно Азуро и Фондацијата Дете за проучување и истражување на детството и адолесценцијата .
Прописите треба да се ажурираат
Мораме најсериозно да ја земеме предвид ранливоста на децата и адолесцентите кои се соочуваат со манипулација преку алгоритми на вештачка интелигенција, која може да влијае на нивните одлуки и преференции – нагласи Светиот Отец, додавајќи дека е клучно родителите и воспитувачите да бидат свесни за оваа динамика. Затоа ја изрази својата желба да развие средства за следење и контрола на интеракциите на малолетниците со технолошките уреди и ги повика политичките институции да дејствуваат на глобално ниво. Притоа, тој рече:
Владите и меѓународните организации имаат одговорност да развиваат и спроведуваат политики што го штитат достоинството на малолетниците во ерата на вештачката интелигенција. Ова вклучува ажурирање на постојните закони за заштита на податоците за да се справат со новите предизвици што ги поставуваат модерните технологии, како и промовирање на етички стандарди во развојот и употребата на вештачката интелигенција.
Посветеноста кон образованието мора да биде секојдневна и конзистентна
Римскиот епископ потсети на зборовите на својот претходник папата Фрањо, кој – по повод проектот „Заштита“ промовиран од три важни католички здруженија во Италија – зборуваше за потребата возрасните да бидат верни на она што го нарече „занаетчиство на образованието“. Папата Лав не се осврна само на етичките упатства, туку предупреди и дека ризиците од прераниот, неограничен и неконтролиран пристап до технологиите би можеле да им наштетат на односите и развојот на младите луѓе, додавајќи:
Иако развојот и имплементацијата на етички кодекси е важен чекор, тоа не е доволно. Потребна е секојдневна и конзистентна образовна работа што ја спроведуваат возрасните кои се формирани и поврзани преку образовни сојузи.
Вештачката интелигенција станува сојузник преку етичка и одговорна употреба
Можеме да користиме нови технологии за да ја зачуваме човечката оригиналност и односи, но тоа секогаш мора да биде исполнето со почитување на човечкото достоинство како фундаментална вредност – нагласи папата Лав XIV на крајот и заклучи:
Само преку образовен, етички и одговорен пристап можеме да обезбедиме вештачката интелигенција да биде сојузник во растот и развојот на малолетниците, а не закана.
Ватикан њуз/к.мк

