Кардинал Паролин: Заштитете го достоинството на децата во ерата на вештачката интелигенција

Кардинал Паролин: Заштитете го достоинството на децата во ерата на вештачката интелигенција

Во порака до меѓународната конференција во Рим, кардиналот Пјетро Паролин предупредува дека човештвото ризикува „сопствено истребување“ ако вештачките форми на живот не го почитуваат човечкото достоинство и повикува на интердисциплинарна и мултикултурна соработка за насочување на технологијата кон вистински човечки напредок.

Ватиканскиот државен секретар, кардинал Паролин испрати порака до учесниците на меѓународната конференција „Достоинството на децата и адолесцентите во ерата на вештачката интелигенција“, што се одржува во Рим.

Предупредувајќи за ризикот човештвото да предизвика „свое сопствено истребување“ преку создавање вештачки форми на живот кои не го почитуваат човековото достоинство, кардиналот Пјетро Паролин повика на заеднички „интердисциплинарни и мултикултурни напори“.

„Дали стоиме на прагот на нова ера, или човечките суштества порано или подоцна ќе предизвикаат сопствено истребување преку воведување на вештачки форми на живот? Дали ќе дегенерираме во обични симулации кои повеќе нема да го признаваат човечкото достоинство?“, праша тој, повикувајќи ги присутните да размислат за етичките, правните, социјалните и антрополошките импликации на вештачката интелигенција.

Меѓународната конференција, на која учествуваат авторитетни личности од академскиот, научниот и технолошкиот свет, е организирана од италијанската телефонска линија за деца, „Телефоно Азуро“, и Фондацијата за деца за проучување и истражување на детството и адолесценцијата.

Егзистенцијални и морални прашања

Во својата порака, кардиналот ја опиша темата како особено значајна бидејќи допира до заштитата и достоинството на децата, „еден од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото денес и во иднина“.

Тој ги призна „можностите“ што ги нудат науката и технологијата, кои неизбежно придонесуваат за човековата слобода и одговорност. Сепак, забележа тој, овие брзи напредоци, особено во вештачката интелигенција, покренуваат „егзистенцијални и морални прашања на ниво, кое досега е ретко видено“.

Кон човечкиот и духовниот напредок

Поради оваа причина, кардиналот Паролин охрабри „евалуација на можностите и ризиците од дигиталното доба во корист на човечките битија, човечката заедница и созданието како целина“. Таквата проникливост, забележува тој, „е корисна и за извлекување соодветни заклучоци за конкретна акција, на пример во областите на политиката, законодавството, образованието и осмислување на услугите за социјална поддршка“.

„Сето ова“, додаде тој, „може да се случи само преку интердисциплинарни и мултикултурни напори ако сакаме да оддадеме правда на сложеноста на проблемот и разновидноста на човечките реалности“.

Кардиналот заврши потсетувајќи се на зборовите на папата Фрањо на Светскиот конгрес за достоинство на детето во дигиталниот свет, одржан на Папскиот Грегоријански универзитет во 2017 година: „Имаме потребна слобода да ја ограничиме и насочиме технологијата; можеме да ја ставиме во служба на друг вид напредок, оној кој е поздрав, почовечки, посоцијален, поинтегрален“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот