Ватикан објави доктринарна белешка за маријанските титули: Пресвета Дева Марија е Мајка на верните, а не Сооткупителка

Ватикан објави доктринарна белешка за маријанските титули: Пресвета Дева Марија е Мајка на верните, а не Сооткупителка

Дикастеријата за наука на верата во вторник, 4 ноември 2025 година, ја објави доктринарната белешка „Mater populi fidelis“ (Мајка на верниот народ) за некои маријански титули што се однесуваат на соработката на Марија во делото на спасението. Документот, потпишан од префектот кардинал Виктор Мануел Фернандез и секретарот на доктринарната секција, монс. Армандо Матео, беше одобрен од папата Лав XIV на 7 октомври и е плод на долгогодишна теолошка работа, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Белешката „Mater populi fidelis“ дава библиска и теолошка основа за маријанската побожност и нагласува дека Пресвета Дева Марија е поврзана со делото на Христос како Мајка на верните, но секогаш во подреден однос кон него, единствениот Спасител. Документот ја охрабрува употребата на титули како „Мајка на верните“, „Духовна Мајка“ и „Мајка на Божјиот народ“, додека предупредува против несоодветната употреба на терминот Сооткупителка“, кој се смета за теолошки нејасен и потенцијално може да заведе.

„Титулата „Сооткупителка“ не помага да се истакна Марија како прва и најважна соработничка во делото на откупувањето и благодатта, бидејќи ризикува да ја засени исклучителната улога на Исус Христос“, се наведува во документот, додавајќи дека „потребно е постојано да се објаснува еден термин за да се спречат погрешни толкувања, односно тој не е од корист за верата на Божјиот народ“.

Во белешката се потсетува дека некои Папи, како што е Свети Иван Павле II, повремено ја користеле оваа титула, но Вториот ватикански собор намерно ја избегнува од пастирски и екуменски причини. Кардиналот Јозеф Рацингер, тогашен префект на Конгрегацијата за наука на верата, веќе во 1996 година предупреди дека „значење на овие титули не е прецизно јасно и дека тие немаат доволна поддршка во Светото Писмо и апостолската традиција“. Папата Бенедикт XVI и папата Фрањо постојано нагласуваат дека величината на Марија секогаш мора да се сфаќа во однос на Христос, кој е единствениот Откупител и Посредник.

Во предговорот на писмото, кардиналот Фернандез објаснува дека документот е одговор на прашањата и предлозите што стигнале до Дикастеријата во последните децении, во врска со маријанската побожност и одредени маријански титули. Целта, пишува тој, е да се „продлабочат точните темели на маријанската побожност, јасно да се дефинира местото на Марија во однос на верниците во светлината на таинството на Христа како единствен Посредник и Откупител, и да се придонесе за екуменскиот дијалог со верност на католичкиот идентитет“.

Фернандез, исто така, предупредува на феномени кои во модерното време, особено преку социјалните мрежи, „сеат конфузија меѓу верниците“ преку промовирање на непроверени теолошки тврдења, нови побожности или предлози за нови маријански догми.

Документот, исто така, конкретно се осврнува на титулата „Посредничка“ и изрази како што е „Посредничка на сите благодати“. Дикастеријата нагласува дека Христос е единствениот посредник, но признава дека терминот посредување може да се користи во поширока, партиципативна смисла, кога означува мајчинско посредништво и помош на Марија. Во оваа смисла, титулата може да се користи, но со претпазливост и без претерување.

„Некои називи, како што е „Посредничка на сите благодати“, имаат ограничувања што не придонесуваат за правилно разбирање на единственото место на Марија“, се наведува во Mater populi fidelis. „Никој – дури ни Пресветата Дева – не може да биде универзален давател на благодат; единствениот извор на благодат е Бог, кој ја дава преку човечноста на Исус Христос.“

Во забелешката се нагласува дека „мајчинската улога на Марија во никој случај не го засенува единственото посредништво на Христос, туку го открива во сета нејзина моќ“. Во овој контекст, Дикастеријата го охрабрува користењето на изрази што ја истакнуваат верата, понизноста и близината на Марија со Христос, наместо изрази што би ја прикажале како „алтернатива на Божјата благодат“ или „неопходен посредник меѓу човекот и Христос“.

Во документот се потсетува дека Марија е „Мајката која му го даде на светот Авторот на искупувањето и благодатта, која стоеше цврсто во подножјето на Крстот, страдајќи заедно со својот Син и принесувајќи ја болката на своето срце рането од мечот“. Големината на Марија, се нагласува, не лежи во нејзината независна улога, туку во „нејзината целосна отвореност кон Духот и нејзината подготвеност да дозволи да биде преобразена од Него“.

Како заклучок, Mater populi fidelis, нагласува дека обидите да ѝ се доделат улоги на Марија што би биле „паралелни со Христовите“ всушност ја оддалечуваат од нејзината вистинска убавина; убавината на скромна, послушна и мајчинска соработничка во Божјото дело на спасение.

Објавувањето на доктринарната белешка означува важен чекор во консолидирањето на учењето на Црквата за правилното разбирање на маријанската побожност и нејзиното место во теологијата на спасението.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот