Папа Лав XIV: Христијанската надеж гледа напред

Папа Лав XIV: Христијанската надеж гледа напред

Папата во понеделник 3 ноември 2025 година, служеше света Литургија во базиликата „Свети Петар“, во спомен на својот претходник и на сите кардинали и епископи кои починаа во текот на годината. Во својата проповед Папата зборуваше за болката и соблазната од смртта на кревкото човечко суштество, однесено од болест или, уште потрагично, од човечко насилство. Но, додаде тој, наспроти тоа, христијанската надеж ни помага да гледаме подалеку: „Ние не тагуваме како другите кои немаат надеж“.

Папата Лав XIV служеше Евхаристија во базиликата „Свети Петар“, во заедништво со бројни кардинали и епископи, за покој на душите на кардиналите и епископите кои починаа во текот на изминатата година. Со голема љубов се сети на душата на папата Фрањо, кој почина откако му го подари на Рим и на светот својот последен велигденски благослов. „Благодарение на Јубилејот, ова славење – прво за мене – добива посебен вкус: вкусот на христијанската надеж,“ рече Папата. „Божјото слово што го слушнавме нè просветлува. Тоа го прави, пред сè, преку голема библиска слика која, би можеле да кажеме извештајот на Лука за учениците од Емаус го сумира значењето на целата оваа Света година. Тој живописно го прикажува ходочестието на надежта што се раѓа по средбата со воскреснатиот Христос.“

Кога Исус го зема лебот во рацете – рацете што беа приковани на крстот – го изговара благословот, го крши и го нуди, очите на учениците се отвораат, верата процветува во нивните срца, а со верата – нова надеж. Тоа повеќе не е истата надеж што ја имаа порано и што ја изгубија. Тоа е нова реалност, дар, благодат на Воскреснатиот: воскресна надеж – нагласи Светиот Отец.

„Како што животот на воскреснатиот Исус повеќе не е истиот, туку сосема нов – создаден со силата на Духот од Отецот – така и христијанската надеж не е човечка надеж, ниту на Грците ниту на Евреите. Таа не се темели на мудроста на филозофите ниту на праведноста што доаѓа од Законот, туку исклучиво и целосно на фактот дека Распнатиот воскресна и им се јави на Симон, на жените и на другите ученици.“

Папата додаде дека тоа е надеж која не гледа кон земниот хоризонт, туку кон Бога. „Љубовта на распнатиот и воскреснат Христос ја преобрази смртта: од непријател ја претвори во сестра, ја скроти. И затоа, пред неа, ние не сме тажни како останатите кои немаат надеж.“

Секако, тагуваме кога некој близок нè напушта. Шокирани сме кога некое човечко суштество – особено дете, „малечко“, кревко – е одземено од животот поради болест или, уште полошо, од човечко насилство. Како христијани, повикани сме да го носиме товарот на овие крстови со Христос. Но, не сме тажни како оние без надеж, бидејќи дури и најтрагичната смрт не може да го спречи нашиот Господ да ја земе нашата душа во своите раце и да го преобрази нашето смртно тело во ликот на неговото славно тело.

Затоа христијаните не ги нарекуваат местата на погребување „некрополи“, односно „градови на мртвите“, туку „гробишта“, што буквално значи „места за спиење“ – места за одмор во исчекување на воскресението.

Осврнувајќи се особено на оние за кои беше служена оваа света Литургија, Светиот Отец потсети: „Возљубениот папа Фрањо и браќата кардинали и епископи за кои денес ја принесуваме Евхаристиската жртва, ја живееја, сведочеа и поучуваа оваа нова, воскресна надеж. Господ ги повика и ги постави за пастири во својата Црква, и преку нивната служба ‘доведоа мнозина до праведност’, односно ги водеа по патот на Евангелието, со мудроста што доаѓа од Христос, кој стана за нас мудрост, праведност, осветување и искупување.“

„Нека нивните души се измијат од секоја дамка и нека светат како ѕвездите на небото. А до нас, кои сè уште сме ходочесници на земјата, нека нивното духовно охрабрување нè достигне во тишината на молитвата: ‘Надевај се во Бога – повторно ќе го фалам, моето спасение и мојот Бог’,“ заврпи Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот