Папата: Квалитетот на една земја се мери според начинот на кој живеат семејствата

Папата: Квалитетот на една земја се мери според начинот на кој живеат семејствата

Примајќи ги на аудиенција професорите и студентите од Папскиот теолошки институт „Иван Павле II“ за проучување на бракот и семејството, папата Лав XIV повика на промовирање на организирани и координирани активности во поддршка на семејните заедници.

Во современото општество, кое често ја жртвува човечката поврзаност за сметка на продуктивноста и брзината, станува сè поитно да се врати времето и просторот на љубовта, онаа љубов што се учи во семејството, каде што првите искуства на доверба, дарување и простување се испреплетуваат, формирајќи ја ткаенината на општествениот живот.

Семејството – прва школа на човештвото

Папата Лав XIV го истакна тоа на 24 октомври, при приемот на професорите и студентите од Институтот „Иван Павле II“, нагласувајќи дека семејството е „првобитно и фундаментално училиште на човештвото“, како што го нарече Вториот ватикански собор, првата и основна клетка на општеството.

Важноста на бракот

Светиот Отец ја охрабри академската заедница да ја поддржува, заштитува и промовира вредноста на бракот, пред сè преку сведоштво на живот во хармонија со Евангелието, во различни социјални, економски и културни контексти.

Посветеноста на Институтот кон благосостојбата на верениците, сопружниците и нивните деца, според него, претставува ветување за човештво обновено од љубовта, внимателно кон ранливостите и достоинството на семејството гледано во светлината на верата и разумот.

„Не можеме да ги игнорираме трендовите во многу делови од светот каде што бракот се потценува или се отфрла“, рече Папата.

„Во размислувањето за подготовката за Светата тајна брак, бидете внимателни на дејството на Божјата благодат во срцето на секој маж и секоја жена. Дури и кога младите донесуваат одлуки што не се во согласност со патиштата на Црквата, Господ продолжува да чука на вратата на нивните срца, подготвувајќи ги да примат нов внатрешен повик.“

Барање на духовност и вистина

Римскиот епископ ги поттикна теолошките и пасторалните истражувања да бидат вкоренети во молитва и во однос со Господ, за да можат да понудат поддршка и зборови што ја допираат совеста на новите генерации.

Папата истакна дека особено кај младите расте желбата за духовност, вистина и правда, но дека таа често е збунета од тензии и идеологии кои ги заматуваат срцата.

Потреба од соодветна политика и пасторална грижа

„Потребно е да се промовираат организирани и координирани акции во поддршка на семејството“, нагласи Папата, додавајќи дека квалитетот на општествениот и политичкиот живот на една земја може да се мери според тоа како им овозможува на семејствата да живеат добро, да имаат време едни за други и да ги негуваат меѓусебните врски.

Тој посебно нагласи дека треба да се обрне внимание на раѓањето на нови животи и на жените кои го живеат мајчинството во тешки околности:

„Човечкиот живот е дар и секогаш треба да се прима со почит, грижа и благодарност. Затоа, кога многу мајки ја минуваат бременоста во услови на осаменост или маргинализација, должност на граѓанската и црковната заедница е да го врати мајчинството во неговото целосно достоинство.

Тоа бара конкретни иницијативи – политики што обезбедуваат достоинствени услови за живот и работа, културни програми што ја препознаваат убавината на создавањето, и пасторална грижа што ги придружува жените и мажите со блискост и разбирање. Мајчинството и татковството не се товар, туку надеж што го обновува општеството.“

Пророчката визија на Институтот „Иван Павле II“

Папата потсети дека Папскиот теолошки институт „Иван Павле II“ произлегува од пророчката визија на свети Иван Павле II, кој по Синодата за семејствата во 1980 година го создаде со цел да биде глобално академско тело што одговара на потребите на семејствата на различни континенти.

Институтот, рече Папата, треба да развие пасторална динамика усогласена со локалните реалности, вдахновена од традицијата и социјалната наука на Црквата.

Темите што треба да се опфатат се бројни: мирот, грижата за животот и здравјето, човечкиот развој, вработувањето на младите, економската стабилност и еднаквоста меѓу половите. Со тоа, Институтот придонесува за „интелигенцијата на папскиото учење“ и за постојано обновување на дијалогот меѓу семејниот живот, светот на трудот и социјалната правда.

Продлабочување на врската меѓу семејството и социјалната наука учење на Црквата

Мисијата на Институтот, истакна Папата, е да бара и сведочи за вистината преку дијалог меѓу теологијата и дисциплините што се занимаваат со семејството, не само со претставување на вистината, туку и со живеење на таа вистина во благодатта на Светиот Дух.

Тој повика на развој на теологија што ќе биде отворена и дијалошка со различни култури, а филозофските и теолошките студии да бидат збогатени преку интеракција со други дисциплини. Во таа насока, Папата побара семејните студии да се вклучат како неопходен дел од социјалната наука на Црквата, со цел тоа наследство да се збогати преку реални семејни искуства и динамика.

Семејството – место на љубов, вера и надеж

На крајот од средбата, папата Лав XIV ги охрабри присутните да го продолжат синодалниот пате како дел од нивното формирање и да ја негуваат вештината на меѓусебно слушање, потребна за да се расте во служба на бракот и семејството.

„Семејството е привилегирано место каде што се учиме на љубов, доверба, простување и помирување,“ рече тој.

„И покрај тешкотиите и поделбите, токму таму се учиме на вера, на секојдневна молитва, на љубов и мир, на братство со мигрантите и странците, и на грижата за создадениот свет. Во сите овие димензии, семејниот живот нè учи на нашето човештво преку сведоштвата за посветеност и светост.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот