Молитвена накана на епископот Стојанов за месец октомври 2025

Молитвена накана на епископот Стојанов за месец октомври 2025

Молитвената накана на епископот Стојанов за октомври 2025 година е посветена на молитвениот живот, а гласи:

Месец октомври е посветен на Пресветата Богородица и на Светата Бројаница – духовното оружје против кнезот на овој свет. Молитвениот живот е срцето на христијанската вера: преку него човекот влегува во жив и личен однос со Бога, го слуша Неговиот глас и ја отвора својата душа за Неговата благодат.

Кога Мојсеј ги издигаше рацете кон небото, Божјиот народ победуваше во битката (сп. 2 Мојсеева 17,11). Таа библиска слика и денес е актуелна: кога во нашите раце ја земаме Светата Бројаница, сигурни сме дека ќе ја извојуваме духовната битка против злото кое се заканува на човештвото.

Затоа, во овој месец ве повикувам нашите молитви да ги посветиме за оживување и зацврстување на молитвениот живот во семејствата и во Црквата. Како што Пресветата Богородица истрајно се молеше со апостолите и првата заедница на верните (сп. Дела 1,14), така и ние сме повикани да молиме во единство со Црквата и да се придружиме на повикот на папата Лав XIV секојдневно да ја молиме Светата Бројаница. Така ќе се раѓаат плодови на вистински христијански живот и, како членови на Црквата, ќе бидеме светлина во светот и сол на земјата, сведочејќи го Христовиот мир и љубов до краиштата на земјата.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот