Папата Лав XIV во понеделник 22 септември 2025 година прими на аудиенција членови на индонезиската католичка заедница во Рим, по повод првата годишнина од апостолското патување на папата Фрањо во Индонезија и 75-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Светиот Престол и таа земја.
Односи засновани на почит и мир
Во обраќањето Папата потсети дека Светиот Престол стои рамо до рамо со оваа југоисточна азиска нација уште од нејзината независност. Тие односи, рече тој, се изградени врз взаемна почит, дијалог и заедничка посветеност на мирот и хармонијата.
Папата се наврати на апостолското патување на папата Фрањо во Индонезија, посета што – како што рече – „го продлабочи нашето пријателство“.
Меѓурелигиски дијалог и заеднички сведоштва
Особено беше нагласен меѓурелигискиот дијалог, со спомен на посетата на џамијата Истиклал, каде што покојниот Папа потпиша заедничка декларација со Големиот имам за унапредување на единството за доброто на човештвото.
„Самото ваше собирање е знак на добрите плодови на верата и единството“, рече Папата Лав. „Далеку од татковината, вие ги чувате живите традиции и се грижите едни за други.“
Индонезија е најнаселената земја во светот со муслиманско мнозинство; католиците таму сочинуваат околу 3% од населението. Папата ги истакна силните врски меѓу христијаните и нехристијаните, кои – според него – го воплотуваат националното мото „Единство во различноста“.
Потсетувајќи на зборовите на папата Фрањо во Џакарта, тој додаде дека народите на Индонезија „образуваат обединувачко ткиво кога се поврзани со стремежот за општото добро; одржувањето на хармонијата среде различноста е како префинета занетчиска работа доверена на сите“.
„Култура на средба“ и пророчко заедништво
Папата изрази благодарност за тоа што индонезиските католици-емигранти практикуваат солидарност: ги пречекуваат новопристигнатите, а својата култура ја споделуваат со локалните заедници, нудејќи пример за култура на средба.
„Ве повикувам да бидете пророци на заедништво во свет кој премногу често се обидува да разделува и да провоцира,“ рече тој. „Патот на дијалогот – патот на пријателството – може да биде напорен, но носи скапоцен плод: мир.“
Завршен поттик и доверба на Богородица
На крајот, Папата ги охрабри Индонезијците што живеат во Рим да бидат и верни католици и горди Индонезијци, „посветени на Евангелието и на градењето хармонија во општеството“.
Тој ги довери на Пресветата Дева Марија, Мајка на Црквата, молејќи таа да им помогне и понатаму да бидат „градители на мостови меѓу луѓето, културите и верата.“
Ватикан њуз/к.мк