Папата Лав XIV до теолозите: Бидете блиски со луѓето и давајте одговори на дигиталните предизвици

Папата Лав XIV до теолозите: Бидете блиски со луѓето и давајте одговори на дигиталните предизвици

Папата Лав XIV прими на аудиенција околу 130 учесници кои учествуваат на меѓународниот семинар на тема „Создавањето, природата и животната средина за свет на мир“, организиран од Папската теолошка академија. Во своето обраќање, Папата ги повика теолозите да го продолжат патот на размислување на Свети Августин, Свети Тома Аквински и Блажениот Росмини, негувајќи воплотена теологија која е блиска до болките и радостите на човештвото.

„Ве повикувам да негувате теологија заснована врз лична и преобразувачка средба со Христос, теологија која се стреми да биде воплотена во конкретните реалности на денешното човештво,“ истакна Светиот Отец.

Размислување што ги надминува пречките

Во воведниот дел од говорот, Папата ги потсети на целите на симпозиумот одржан на 11 и 12 септември во Ватиканските градини, каде што беа разгледувани теми многу значајни за неговите претходници – Свети Иван Павле II, Папата Бенедикт XVI и Папата Фрањо – меѓу кои грижата за созданието и одржливоста на животната средина. Тој нагласи дека е потребна посветеност на сите луѓе за подобрување на еколошките и општествените услови, а семинарот претставувал плоден пример за меѓукултурен и меѓурелигиски пристап, кој поттикнува солидарност и соработка надвор од националните, културните и верските граници.

Теологија што излегува на виделина

Папата потсети дека теологијата, како составен дел од мисионерското и евангелизациското дело на Црквата, мора да биде блиска до животот и реалноста на луѓето. Тој подвлече дека таа треба да биде „теологија што излегува надвор“, односно да ја обедини научната строгост со љубовта кон историјата, теологија проткаена со болките, радостите и надежите на човештвото.

Свети Августин, Свети Тома Аквински и Блажениот Росмини како примери

Во продолжение, Папата потсети на големите црковни учители кои успеале да ја поврзат верата и разумот, размислувањето, молитвата и делувањето. Тој го истакна Свети Августин, кој теологијата ја сфаќал не како апстрактна дисциплина, туку како плод на лично искуство со Бога. Посебно во своите „Исповеди“, Августин нуди теолошка рефлексија што одговарала на духовните и општествените потреби на неговото време. Свети Тома Аквински, пак, го систематизирал овој пристап преку аристотеловата филозофија, развивајќи „sapida scientia“ – мудрост што ги соединува разумот и верата. Нивниот труд подоцна го надополнил Блажениот Антонио Росмини, кој теологијата ја сметал за возвишен израз на интелектуалната љубов.

Теологија и вештачка интелигенција

Посебно внимание Папата посвети на предизвиците што ги носи дигиталната ера. „Социјалната наука на Црквата е сведоштво на верата во служба на човештвото и денес е повикано да даде мудри одговори на дигиталните предизвици,“ рече тој.

Тој нагласи дека теологијата има клучна улога во ова поле, бидејќи чисто етичкиот пристап не е доволен за да одговори на сложената реалност на вештачката интелигенција. Затоа таа мора да понуди антрополошка визија заснована врз прашањето: кој е човекот и кое е неговото неприкосновено достоинство – достоинство што не може да се сведе на дигитален андроид.

Дијалог со сите дисциплини

На крајот, Папата Лав XIV ги охрабри теолозите да влезат во дијалог не само со филозофијата, туку и со физиката, биологијата, економијата, правото, литературата и музиката, за да го внесат квасецот на Евангелието во различни култури. Тој заврши со повик за развој и воплотување на „теологија на мудроста“ – теологија во служба на Црквата и светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот