Папа Лав XIV: Грижата, дарувањето и довербата се темели на економијата што не убива, туку го проширува животот

Обраќајќи им се на учесниците на Светската средба за човечко братство, собрани во базиликата „Свети Петар“, Папата ги охрабри да си го постават прашањето: „Брате, сестро, каде си?“ Ова прашање, рече тој, одекнува во војните, меѓу презрените мигранти, кај сиромашните осудени на својата сиромаштија и кај жртвите на осаменоста. Тој повика на патување кое води во живот, раст и развој.
На 12 септември, Папата Лав XIV ги прими во аудиенција учесниците на третиот Светски состанок за човечко братство, кој овие денови се одржува во Рим. Настанот се организира од базиликата „Свети Петар“, фондацијата „Fratelli tutti“, здружението „Биди човек“ и фондацијата „Свети Петар за човештвото“.
Силно „не“ на војната, „да“ на мирот
Папата предупреди дека светот е обележан со конфликти и поделби, но истакна дека учесниците на собирот се уште повеќе обединети во силното и храбро „не“ на војната и „да“ на мирот и братството. Потсетувајќи на зборовите на папата Фрањо, тој нагласи дека војната не е вистински начин за решавање на конфликтите. „Да се издржи конфликтот, да се заврши и да се претвори во алка за нов процес е најмудриот пат – патот на силните,“ рече Папата.
„Вашето присуство сведочи за таа мудрост што обединува култури и религии, за таа тивка сила што нè учи да се препознаваме како браќа и сестри, и покрај сите разлики,“ додаде тој.
Прашањето на Бога до Каин
„Денес, повеќе од кога било, мора повторно да го слушнеме Божјото прашање до Каин: ‘Каде е твојот брат?’ – и да го направиме свое, како принцип на помирување,“ истакна Светиот Отец.
„Кога ќе го прифатиме тој принцип прашањето ќе одекнува вака: ‘Брате, сестро, каде си во војните што ги уништуваат животите на младите, на беспомошните цивили, на децата, жените и старите лица? Каде си меѓу мигрантите? Каде си кога сиромашните се обвинети за сопственото сиромаштво и се оставени заборавени во свет што најмногу го цени профитот?’“
Одговорот, подвлече Папата, не може да биде молк. Одговорот е нов правец на живот, раст и развој. „Да се признае дека другиот е брат или сестра значи да се надмине привидот на изолирана личност или логиката на односите засновани само на интерес. Големите духовни традиции, но и критичкото размислување, ни овозможуваат да одиме подалеку од крвните и етничките врски, подалеку од сродствата што ги признаваат само сличните, а ги исклучуваат различните,“ рече Папата.
Братството – најавтентично име за близина
Светиот Отец нагласи дека братството е најавтентичното име за близина: „Тоа значи повторно да се открие лицето на другиот. Верниците ја препознаваат Тајната: самото Божјо лице во ликот на сиромашните, бегалците, па дури и на противниците.“
Повикување на нови патишта на љубов и солидарност
„Драги пријатели,“ продолжи Папата, „ве охрабрувам да пронајдете локални и меѓународни патишта кои развиваат нови форми на општествена љубов, сојузи на знаење и солидарност меѓу генерациите. Тие нека бидат патишта што ги вклучуваат сиромашните – не како пасивни приматели на помош, туку како активни субјекти во расудувањето и дијалогот.“
„Потребен ни е широк ‘сојуз на човештвото’, заснован не на моќ, туку на грижа; не на профит, туку на дарежливост; не на сомневање, туку на доверба. Грижата, дарувањето и довербата не се доблести за слободно време, туку темели на економија што не убива, туку напротив – го продлабочува и го проширува учеството во животот,“ подвлече Папата Лав XIV.
Завршен благослов
На крај, Светиот Отец повика да се негува духовноста на братството преку културата, работните односи и дипломатското делување. „Се молам за сите вас,“ рече тој, „за вашата посветеност на промовирање на единството, братството и сестринството во целиот свет. Бог да ве благослови сите!“
Ватикан њуз/к.мк