Папа Лав XIV: „Не“ на логиката на одмазда; срцата мора да бидат ослободени од омраза

Папа Лав XIV: „Не“ на логиката на одмазда; срцата мора да бидат ослободени од омраза

Во објава на својот профил @Pontifex, Папата го повтори повикот за денешниот ден на молитва и пост за мир: „Нека преовладува заедничката визија водена од општото добро.“ Бројни епископи и црковни заедници го поддржаа апелот на Папата; покрај Блискиот Исток и Европа, во светот се во тек 56 повеќе или помалку „заборавени“ конфликти кои предизвикуваат тага и страдање кај населението.

Светот е ранет од постојани војни. Според независниот портал ACLED (Armed Conflict Location and Event Data Project – Проект за податоци за локацијата и настаните на вооружените конфликти), во моментов се водат најмалку 56 конфликти. Од најжестоките, како што се Газа, Украина и Судан, до помалку познатите, па сè до „замрзнатите“ војни кои остануваат нерешени, но секогаш можат повторно да се разгорат, како што се случи неодамна со граничниот спор меѓу Тајланд и Камбоџа, или спорот меѓу Пакистан и Индија околу Кашмир.

Во овој контекст, за кој постојано предупредуваше во своите апели, како и минатата среда, на крајот од Генералната аудиенција, папата Лав XIV одлучи денешниот ден, 22 август – денот кога Црквата ја слави Пресвета Богородица Царица – да го посвети на молитва и пост за мир. Затоа, во порака објавена доцна утрово на неговиот профил @Pontifex, Папата посака „срцата да бидат ослободени од омразата“ и „да се напушти логиката на поделбата и одмаздата и да се дозволи заедничката визија водена од општото добро да преовладува“.

Итно е потребен мир

На меѓународно ниво, речиси сите бискупски конференции и поединечни епархии одговорија на повикот на папата Лав XIV. Посебно е значаен одговорот на апелот на Апостолскиот викаријат на Јужна Арабија, кој во својата јурисдикција го вклучува и Јемен, каде повеќе од десет години беснее „заборавена“ граѓанска војна.

„Со пост и молитва, ја молиме Дева Марија, Царицата на мирот, да се застапи кај својот Син за мир, особено во блиската Света Земја, и за утеха на сите погодени од овој и сите други конфликти,“ – рече апостолскиот викар Паоло Мартинели.

Кустосот на Светата Земја, отец Франческо Иелпо, во писмо упатено до браќата фрањевци, нагласи дека мирот е „долгоочекуван и силно посакуван дар“, особено во Светата Земја, обележана со конфликти и надежи.

„Да молиме меѓународната заедница да не се ограничи само на набљудување, туку да интервенира за да го поддржи мирот, почитувањето на меѓународното право и безбедноста на цивилите, хуманитарните работници и новинарите,“ – додаде отец Иелпо.

Простувањето е патот до мирот

Бројни конфликти, многу нерешени прашања, сите обединети од страдањето на цивилите, особено на најранливите. Светот, како што забележа папата Лав XIV, итно има потреба од промена на перспективата бидејќи „без простување никогаш нема да има мир“.

„Вистинското простување не чека покајание, туку прво се нуди,“ – рече Папата на Геенралната аудиенција минатата среда во салата Павле VI, истакнувајќи дека „простувањето не значи негирање на злото, туку спречување на тоа да создаде уште поголемо зло“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот