Папата: Секоја човечка личност поседува вродено достоинство

Папата: Секоја човечка личност поседува вродено достоинство

Папата Лав XIV, по молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар во недела, 27 јули 2025 година, упати апел до властите во светот да ги прекинат сите вооружени конфликти. Особено ги спомена тензиите меѓу Тајланд и Камбоџа, ситуацијата во јужна Сирија и драматичната хуманитарна состојба во Појасот Газа. По повод Петтиот Светски ден на бабите, дедовците и постарите лица, Светиот Отец ги охрабри верниците да создадат „завет на љубов и молитва“ со постарите генерации. Истовремено, изрази благодарност до ватиканските медиуми за новоотвореното студио под Берниниевата колонада и ги поздрави младите кои пристигнаа во Рим по повод нивниот Јубилеј.

Срцето на Римскиот епископ е со сите кои страдаат поради конфликти и насилство, од оние на границата меѓу Тајланд и Камбоџа, до населението во јужна Сирија, како и со оние во Газа, каде што хуманитарната состојба е исклучително тешка. Папата Лав XIV повторно го истакна својот апел за прекин на огнот, ослободување на заробените и доследно почитување на меѓународното хуманитарно право. Во оваа пригода, им се обрати на страните во конфликтите со следните зборови:

„Секоја човечка личност има вродено достоинство дадено од самиот Бог. Ги повикувам страните во сите конфликти да го признаат тоа достоинство и да прекинат со сите дејства што му се спротивставуваат. Ги повикувам да стапат во преговори за иднина на мир за сите народи и да се откажат од сè што може да ја загрози. На Пресвета Богородица, Царица на мирот, ѝ ги доверувам невините жртви и оние кои имаат власт да ставaт крај на конфликтите.“

Конфликтите меѓу Тајланд и Камбоџа и трагедијата во Газа

Осврнувајќи се на тензиите меѓу Тајланд и Камбоџа, папата изрази молитвена блискост со децата и семејствата кои биле принудени да ги напуштат своите домови. „Нека Кнезот на мирот ги просветли сите срца кон дијалог и помирување“, рече тој, и додаде дека се моли и за жртвите на насилството во јужна Сирија.

„Со голема загриженост ја следам состојбата во Газа, каде што цивилното население страда од глад и постојано е изложено на насилство и смрт.“

Ватиканско радио/Vatican News под Берниниевата колонада

Папата потоа се осврна на новата медиумска станица на Ватикан, сместена под Берниниевата колонада на плоштадот Свети Петар.

„Го поздравувам Ватиканското радио/Vatican News, кое, за да биде поблиску до верниците и поклониците за време на Јубилејот, отвори мала станица под Берниниевата колонада, заедно со L’Osservatore Romano. Ви благодарам за вашата служба на повеќе јазици, со која гласот на Папата допира до светот. Му благодарам и на секој новинар кој се залага за пренесување на вистината и мирот.“

Поздрав до младите кои пристигнаа во Рим за својот јубилеј

На крајот, Папата се обрато до младите од различни земји, кои пристигнаа во Вечниот град по повод Јубилејот на младите, што започнува на 28 јули.

„Се надевам дека ова ќе биде можност за секој од вас да се сретне со Христос, и дека Тој ќе ве зајакне во вашата вера и во вашата верност во одењето по неговите патишта.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот