Копер: Епископот Стојанов се обрати на Вториот форум за мир и дијалог на Балканот

Копер: Епископот Стојанов се обрати на Вториот форум за мир и дијалог на Балканот

На 14 јуни 2025 година, по покана на Словенската бискупска конференција, монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх, учествуваше на Вториот форум за мир и дијалог на Балканот што се одржа во Копер, Словенија. Темата на форумот „Заеднички вредности на животот за мир“ собра претставници на различни верски заедници – католици, православни христијани, протестанти и муслимани – со заедничка цел да ја зајакнат културата на мир и меѓурелигискиот дијалог во регионот. На почетокот на форумот се обрати претседателката на Република Словенија Наташа Пирц Мусар.

Во својот говор, монсињор Стојанов посочи дека неговото присуство на форумот е особена чест и одговорност, особено што доаѓа од Македонија, земја позната по соживот меѓу различните религии и култури. „Нашето искуство на соживот, иако со предизвици, може да биде плодна основа за сведоштво и изградба на мир“, рече тој, потсетувајќи дека денешниот свет е исполнет со конфликти, неправди и духовна празнина, па токму затоа потрагата по мирот е повеќе од потреба.

Бискупот нагласи дека мирот не е само прашање на политика и дипломатија, туку и меѓурелигиски и морален предизвик. Тој потсети дека без верската компонента и почитувањето на заедничките вредности, секој договор за мир е кревок и непостојан. Затоа, како верници, сите сме повикани да го „благовестиме мирот“ и да ги користиме универзалните вредности како алатки во оваа потрага.

Посебно ја истакна важноста на учењето на Католичката Црква и зборовите на папата Фрањо кој во својот Апостолски поттик „Evangelii Gaudium“ нагласува дека меѓурелигискиот дијалог е неопходен услов за мир во светот. Епископот го цитираше и документот „Fratelli tutti“, во кој предупредува на опасноста од отстранување на Бога од општеството и загубата на човечкото достоинство која следи.

„Мирот е дар од Бога, но истовремено и човечка задача“, подвлече монсињор Стојанов, посочувајќи дека христијанскиот поглед на мир е длабока внатрешна преобразба на срцето, поткрепена со мислите на свети Августин за „спокојството што произлегува од поредокот“ и пасхалниот мир од Воскреснатиот Христос.

Во продолжение, бискупот говореше за универзалните вредности кои ги споделуваат сите големи религии – почит кон животот, ненасилство, простување, грижата за сиромашните и за заедничкиот дом. Како важен пример за меѓурелигиска соработка го спомена потпишувањето на Декларацијата за човековото братство во Абу Даби во 2019 година од папата Фрањо и имамот Ахмад ал-Тајиб, која ја нагласува потребата од единство и соживот.

Монсињор Стојанов посебно ја нагласи и последната иницијатива на верските заедници во Македонија кои на 13 мај 2025 година заеднички се изјаснија против насилниот екстремизам, како конкретен пример на залагање за мир и разбирање.

Во заклучокот на својот говор, бискупот упати повик да не се плашиме од дијалог и различност, туку да бидеме градители на мир преку мали, но значајни секојдневни гестови. „Вистинската сила е во љубовта и довербата која ќе ја покажеме еден кон друг“, порача тој, нагласувајќи дека само заедно може да се создаде надеж за свет кој толку многу му треба мир.

Епископот Стојанов на Форумот во Копер е придружуван од протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот