На плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, на 6-та недела по Велигден, во недела 25 мај 2025 година, папата Лав XIV. пред молитвата „Царице небесна“, кратко се обрати до присутните на плоштадот, во кое пред сè им се заблагодари на верниците за нивната љубов и побара од нив молитвена поддршка.
„Најпрво на сите, сакам да ви се заблагодарам за љубовта која ми ја искажувате и ве молам да ме поддржите со вашите молитви и близина“, рече Светиот Отец на почетокот.
Во размислувањето за неделното Евангелието, Папата истакна дека верниците на својот животен пат честопати можат да се чувствуваат неспособни за задачата, но и дека тогаш треба да се потпрат на милоста Божја, а не на сопствената сила.
„Во сè она на што Господ нè повикува, на животниот пат, како и на патот на верата, понекогаш се чувствуваме несоодветни за задачата. Сепак, Евангелието од оваа недела ни зборува дека не треба да се потпираме на сопствената сила, туку на милоста од Господ, кој нè избра, сигурни дека Светиот Дух нè води и нè учи во сè“, рече папата Лав XIV.
Светиот Отец, исто така, потсети на Исусовото ветувањето до своите ученици во пресрет на неговото страдање, кое останува трајна утеха и водич за христијаните денес, и објасни како дарот на Светиот Дух го прави секој човек живеалиште за Бога, внесувајќи светлина во нашите мисли, избори и секојдневниот живот.
„Прекрасно е што, гледајќи го својот повик, на реалноста и луѓето кои ни се доверени, на обврските што ги извршуваме, на нашата служба во Црквата, секој од нас може со доверба да каже: иако сум кревок, Господ не се срами од мојата човечност; напротив, Тој доаѓа да престојува во мене. Тој ме придружува со Својот Дух, ме просветлува и ме прави орудие на Неговата љубов за другите, за општеството, за светот“, нагласи тој.
Во завршните зборови од обраќањето, Папата ги повика верниците радосно и одговорно да ја живеат својата вера, охрабрувајќи ги да го препознаат Божјото живеалиште во секој човек – особено во малите, сиромашните и оние кои страдаат.
Светиот Отец го заврши своето обраќање доверувајќи ја целата Црква на застапништвото на Пресвета Дева Марија, „Престојувалиштето посветено на Бога“, за да можеме и ние, како неа, да бидеме знак и орудие на Божјата љубов.
к.мк