Папата Лав XIV им посака добредојде на источните католици во Ватикан за Јубилејот на Источните цркви и ја нагласи потребата да ги зачуваат своите традиции и да молат за вистински мир, „кој е помирување, простување и храброст да се сврти нова страница и да се започне одново“.
Папата Лав XIV им посака добредојде на источните католици во Ватикан со традиционалниот велигденски поздрав: „Христос воскресна! Навистина воскресна!“
Обраќајќи им се на верниците од 23-те Цркви sui iuris кои се во потполоно заедништво со Рим, Светиот Отец рече: „Вие сте драгоцени во Божјите очи“ и ја истакна својата среќа што може да посвети една од првите средби од неговиот понтификат на источните верници.
„Гледајќи ве, мислам на различноста на вашето потекло, вашата славна историја и горчливите страдања кои многу од вашите заедници ги поднесувале или продолжуваат да ги поднесуваат“- рече папата Лав XIV.
Во исто време, тој ја потврди „убеденоста на папата Фрањо дека Источните цркви треба да бидат „негувани и почитувани поради единствените духовни и мудросни традиции кои ги зачувале и за сè она што имаат да ни го кажат за христијанскиот живот, синодалноста и литургијата“.
Потсетувајќи се на учењата на претходните Папи, вклучувајќи ги Лав XIII и Свети Иван Павле II, папата Лав XIV ја нагласи важноста на источните традиции, особено литургијата.
Тој, исто така, изрази загриженост за „многу од нашите источни браќа и сестри“ кои се протерани од своите татковини „и ризикуваат да ги изгубат не само своите родни земји“, туку и својот верски идентитет.
Папата Лав XIV инсистираше на важноста на зачувување на источните обреди и побара од Дикастеријата за Источните цркви „да помогне во дефинирањето на принципите, нормите и упатствата“ за да им се помогне на латинските епископи да ги поддржат источните католици во дијаспората да го зачуваат своето наследство.
На Црквата ѝ е потребен Истокот
„Црквата има потреба од вас!“, рече папата Лав. „Придонесот што христијанскиот Исток може да ни го понуди денес е огромен“, продолжи тој, укажувајќи на потребата од враќање на чувството за таинство изразено во источните литургии; важноста од повторно откривање на чувството за приматот на Бога и мистагогијата; и потребата од „покајание, пост и оплакување на сопствените гревови и за гревовите на целото човештво“.
„Затоа е многу важно да ги зачувате вашите традиции без да ги ослабувате“, рече тој.
Светиот Отец во продолжение ја истакна „лековитата“ вредност на источните традиции за духовноста кои ја комбинираат „драмата на човечката беда со восхитот за Божјата милост“.
„Кој подобро од вас може да испее песна на надеж дури и среде бездната на насилство“ – праша тој
Гордеејќи се за признанието од папата Фрањо за источните заедници како „маченички цркви“, папата Лав е тажен поради насилството кое продолжува да ги мачи многу разновидните региони како што се Светата Земја, Украина, Блискиот Исток, Тиграј и Кавказ.
„Издигајќи се од овој ужас, од колежот на толку многу млади луѓе, што треба да предизвика бес затоа што се жртвуваат животи во име на воено освојување, одекнува апел“ за мир.
Тој апелира, рече тој, „не толку поради Папата, туку многу повеќе поради самиот Христос, кој повторува: „Мир со вас!“
„Да молиме за тој мир“, рече Папата, „кој е помирување, простување и храброст да се сврти нова страница и да се започне одново“.
Посветеност за мирот
Папата Лав XIV енергично ја изрази својата посветеност „да вложи максимални напори за да завладее мирот“, потврдувајќи ја подготвеноста на Светиот Престол да стори сè што е можно „за да помогне да ги седне непријателите, лице в лице, за да разговараат едни со други“, да водат дијалог, „за да можат народите насекаде да најдат надеж и да се врати… достоинството на мирот“.
Апелирајќи директно до луѓето во светот и нивните лидери, папата Лав упати срдечен апел: „Да се сретнеме, да разговараме, да преговараме!“
Тој потенцира дека „војната никогаш не е неизбежна“ и повика оружјето да замолчи, „кое не ги решава проблемите, туку само ги зголемува“.
Светиот Отец се заблагодари на Бога за сите оние кои „сеат мир“, а истовремено изрази благодарност за оние христијани, „кои, пред сè на Блискиот Исток, опстојуваат и остануваат во своите татковини, спротивставувајќи се на искушението да ги напуштат“.
Папата ја потврди потребата на источните христијани да им се даде „можност, но не само со зборови, да останат во своите родни земји со сите права потребни за безбеден живот“.
Потсетувајќи уште еднаш дека „Исус, Синот на правдата, изгреја“ во нивните земји, им се заблагодари на источните христијани „што се „светло во светот““ и ги охрабри да „бидат посебни поради својата вера, надеж и милосрдие, и ништо друго“.
Лав XIV ги повика пастирите на Источните цркви да промовираат „заедништво со интегритет“, за да бидат нивните заедници „места на братство и заедничка одговорност“.
„Денес повеќе од кога било“, заклучил папата Лав XIV, „сјајот на христијанскиот Исток бара слобода од сите световни приврзаности и од секоја тенденција спротивна на заедништвото, со цел да се остане верен во послушноста и во евангелското сведоштво.“
Ватикан њуз/к.мк