На светата Литургија во Чанаклија, која ја предводеше епископот Стојанов сослужуваше и Апостолскиот нунциј во Македонија, Н.Е. Суриани
На празникот свети великомачник Георги, вторник 6 мај 2025 година, во црквата во Чанкалија, која го прославува патрониот празник, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов, во заедништво со Апостолскиот нунциј во Македонија, Н.Е. надбискупот Лучијано Суриани, неговиот соработник Христофер Сајлер, парохот отец Ванчо Назов и свештеници од Струмичко-скопската епархија, служеше света архиерејска Литургија. На светата Литургија, покрај верниот народ, присуствува и сетсри Евхаристинки.
На почетокот од проповедта епископот Стојанов го поздрави Апостолскиот нунциј во Македонија, Суриани и неговиот соработник Сајлер. Потоа се осврна на животот на светиот великомачник Георги, истакнувајќи ја неговата одлучност да му служи на Христа. Патот на свети Георги, преку кој тој ја достигнал небесната слава, не беше пат поплочен со цвеќиња, туку трнлив и крвав пат по кој свети Георги одеше – рече монсињор Стојанов. Понатаму тој додаде дека на нас, денешните христијани не ни преостанува ништо друго освен да го следиме свети Георги, молејќи се Господ да ни даде сила и таква жива и цврста вера со која го избра свети Георги за да можеме да ја живееме нашата вера и бестрашно да сведочиме за неа како што тоа го направи великомаченикот, кој денес го спомнуваме.
Парохот отец Ванчо Назов се заблагодари од името на целата заедница за посетата на Апостолскиот нунциј.
На крајот од светата Литургија Апостолскиот нунциј Суриани се обрати на присутните истакнувајќи дека малите заедници се како семејство, посакувајќи им на присутните да бидат вистинска Божјо семејство, секој со својата улога. Потоа додаде дека христијанската заедница никогаш не е мала, спомнувајќи ги Исусовите зборови каде се двајца или тројца, таму е и Тој меѓу нив.
Осврнувајќи се на денешниот маченик на Црквата, тој истакна дека свети Георги го победи змејот, како симбол на злото, а денес си имаме работа со нови змејови, нови идоли, нови ѓаволски облеки. На крајот им посака на присутните верници свети Георги да ги заштитува на нивниот пат на верата, за да пристигнат таму каде што е тој, а тоа е рајот.
Од светата Литургија Радио Марија вршеше директен пренос.
к.мк