Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов на Цветници, 13 април 2025 година, служеше во Скопската катедрала Пресвето Срце Исусово, а потоа го посети Велигденскиот саем на Македонски Каритас
Верниците се собраа во 10.30 часот, каде на вообичаеното место бискупот Стојанов, заедно со катедралниот парох о. Винко Маслаќ, директорот на Македонски каритас о. д-р Зоран И. Стојанов и катедралниот капелан о. Томислав Рукавина, ги благослови маслиновите гранчиња, а потоа пеејќи пригодни песни, предводени од катедралниот хор под водство на Јулија Нелковска и органистот Филип Костов, во процесија се упатија во катедралата.
Во својата проповед бискуп Стојанов рече: Неопходно е во смирението на срцето да се запознае објавата, да се запознае Христос, но во таа светлина да се запознаеме и самите себе. Гордоста е слепило и не дозволува човекот да се запознае себеси. Зашто, гледаме, сите кои се препознале себеси во тајната на страданијата Христови, се враќаат дома удирајќи се во гради и се каат. А внатрешното слепило е слепило на душата; кочница за да се запознае Бога; да се препознае Божјото дело. Затоа ние, слушајќи ја оваа објава на Страдањата Христови, сакаме да се запознаеме себеси во светлината Христова за да можеме да извикаме како разбојникот на крстот: „Спомни ме, Господи, не ме оставај во овој безнадежен свет, без сила, без цел. Дај ми срце да ја препознам во твоето срце таа убавина кога страдаш – мислиш на другите. Оваа страсна седмица е настан на Божјата милост“, истакна бискуп Стојанов.
По завршувањето на светата Литургија бискупот Стојанов го посети велигденскиот саем, кој во организација на Македонски Каритас традиционално се одржува во дворот на катедралата. По тој повод на светата Литургија беа присутни и децата од Едукативниот центар на Македонски Каритас во Сарај заедно со своите родители предводени од о. Ванчо Назов и вработените во Центарот, а добредојде им искажа директорот на Македонски Каритас протојереј ставрофор о. д-р Зоран И. Стојанов.
Помошта од велигденскиот саем е наменета за лицата во потреба за кои Македонски Каритас континуирано се грижи, а посебно сега да им ја ублажи сиромаштијата и им пружи мал блесок на радост во пресрет на големиот христијански празник Велигден.
к.мк