Папата: Поделените христијани се делови кои треба повторно да се обединат во една вера

Папата: Поделените христијани се делови кои треба повторно да се обединат во една вера

Примајќи во аудиенција, во четврток на 6 февруари 2025 година, група млади свештеници и монаси од Источните православни цркви кои престојуваат во студиска посета на Римската црква, Светиот Отец изрази радост поради нивната посета и присуството на претставници на Ерменската, Коптската, Етиопската, Еритрејската, Маланкарската и Сириската црква.

Истакнувајќи дека „ова е петта студиска посета на млади православни свештеници и монаси, организирана од Дикастеријата за единство на христијаните, Папата изрази благодарност што размената на даровите, која ја промовира и Меѓународната мешовита комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката црква и Источните православни цркви, овозможува да се поврзе дијалогот на милосрдието со дијалогот за вистината.

Со оглед на тоа што свештениците и монасите од Источните православни цркви дојдоа во Рим во годината кога се одбележува 1700-годишнината од Соборот во Никеја, првиот вселенски собор кој го исповеда Символот на верата заеднички за сите христијани, Папата понуди размислување за трикратното значење на терминот „Символ“, кој има силна екуменска димензија.

„Во теолошка смисла, Символот или Исповедта на верата означува збир на главни вистини на христијанската вера, кои се надополнуваат и усогласуваат една со друга. Во таа смисла, Никејскиот Символ на верата, кој концизно ја открива тајната на нашето спасение, е непобитен и неспоредлив. Меѓутоа Символот има и еклезиолошко значење, со оглед на тоа дека е знак за распознавање и заедништво меѓу верниците. Секој ја има верата како „символ“ кој своето полно единство го наоѓа само во заедништво со другите. Сé уште поделените христијани се како делови кои мора повторно да го пронајдат единството во исповедувањето на една единствена вера . Символот на нашата вера го носиме како „богатство во глинени садови“ – истакна папата Фрањо

Што се однесува до третото, духовно, значење на Символот, Папата истакна дека никогаш не треба да се заборави дека Символот на верата е првенствено пофална молитва која се соединува со Бога, а дека единството со Бога нужно се гледа преку единството меѓу христијаните кои ја исповедаат истата вера.

„Драги браќа, се надевам дека вашето присуство ќе стане „символ“ на нашето видливо заедништво, додека истрајуваме во потрагата по потполно единство кое Господ Исус толку горливо го посакува“, заклучи Светиот Отец и на крајот ги поттикна присутните, заедно, секој на својот јазик, да го исповеда Никејското верување.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот