Папата: Ништо не е повредно од животот на детето

Папата: Ништо не е повредно од животот на детето

Папата Фрањо на 3 февруари 2025 година го отвори Светскиот самит за правата на децата, кој се одржува во Ватикан и повика да ги слушаме најмалите за да кажеме „не“ на војната, насилството, неправдата и културата на отфрлање. Папата зборуваше за детството кое стана „периферија на животот“, потсети на маргиналноста дури и на најбогатите градови, повика да не се навикнуваме на злото и го осуди абортусот кој „го уништува животот“ и ја „отсекува надежта на општеството“.

Светиот Отец им се обрати на учесниците на Светскиот самит за правата на децата, кој беше организиран во Ватикан на поттик на папата Фрањо на тема „Ги сакаме и ги штитиме“. Во својот говор тој истакна:

И денес, животите на милиони деца се обележани со сиромаштво, војна, недостиг на образование, неправда и експлоатација. Децата и тинејџерите од најсиромашните земји, или оние кои се растргнати од трагични конфликти, се принудени да се соочат со страшни искушенија.

Папата предупреди дека и најбогатиот свет не е имун на неправди. „Онаму каде што, фала му на Бога, не страдаме ниту од војна, ниту од глад, има сиромашни предградија, каде децата често се жртви на ранливости и проблеми кои не можеме да ги потцениме. Всушност, во многу поголема мера отколку во минатото, училиштата и здравствените служби мора да се занимаваат со децата кои доживеале многу големи тешкотии, со вознемирени или депресивни млади луѓе, со тинејџери кои наоѓаат решенија во агресија или самоповредување“.

Светиот Отец истакна дека младите луѓе, пред кои е животот, „сè почесто не можат на него да гледаат со сигурност и позитивност. Токму младите луѓе, кои се знаци на надеж во општеството, се борат да ја препознаат надежта во себе. Ова е тажно и загрижувачко“, истакна тој и цитира зборови од булата за јубилејот: „Меѓутоа, неизбежно сегашноста се живее со меланхолија и досада кога иднината е неизвесна и не им дава простор на соништата, кога студиите не нудат перспектива, а раширената невработеност или недостатокот на доволно стабилно вработување се заканува да ги уништи желбите.“

Тој додаде дека „она што за жал го гледаме секој ден во последно време, како деца умираат од бомби, жртвувани на идолите на моќта, идеологијата или националистичките интереси, не е прифатливо“.

Ништо не е повредно од животот на едно дете. Убивањето на малите значи негирање на иднината. Во некои случаи и самите малолетници се принудени да се борат под дејство на дрога. Дури и во земјите каде што нема војна, насилството меѓу криминалните групи станува подеднакво смртоносно за децата и често ги остава сираци и обесправени.

Папата со драматични бројки ја илустрираше трагичната ситуација во која се наоѓаат бројни малолетници:

Денес, повеќе од четириесет милиони деца се раселени поради конфликти, а околу сто милиони се бездомници. Тука е и драмата на детското ропство: приближно сто и шеесет милиони деца се жртви на принудна работа, трговија со луѓе, злоупотреба и експлоатација од секаков вид, вклучително и присилни бракови. Се проценува дека околу сто и педесет милиони „невидливи“ деца законски не постојат. Ова е пречка за нивниот пристап до образование или здравствена заштита, но пред се, нема законска заштита за нив и лесно можат да бидат злоупотребени или продадени во ропство. И тоа се случува.

„Тоа не е прифатливо и мора да се спротивставиме да се навикнеме на тоа. Одземеното детство е тивок крик кој ја осудува неправдата на економскиот систем, воените злосторства, недостатокот на медицинска нега и школско образование. Од овие неправди особено се погодени најмалите и најслабите“, повтори Светиот Отец и поттикна да не се губи она што е благородно во човечкото срце: сочувството и милосрдието.

Кога денес се слуша за децата кои живеат во насилство, експлоатација или неправда служи за зајакнување на нашето „не“ на војната, на културата на расипништво и профит, во која сè се купува и продава без почит или грижа за животот, особено малите и беспомошни. . Во име на логиката на отфрлање, во која човекот станува семоќен, животот што се раѓа се жртвува преку убиствената практика на абортус. Абортусот ги одзема животите на децата и го отсекува изворот на надеж за целото општество.

„Мораме да сфатиме дека и малите деца гледаат, разбираат и паметат. Тие зборуваат и со својата појава и со својата тишина. Да ги слушнеме! Драги пријатели, ви благодарам и ве охрабрувам, со Божја помош, максимално да ја искористите можноста на оваа средба. Се молам вашиот придонес да помогне „да се изгради подобар свет за децата, а со тоа и за сите! Фактот што сме тука, сите заедно, за да ги ставиме децата во центар, нивните права, нивните соништа и нивните прашања за иднината, ми дава надеж, рече на крајот Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

https://www.vaticannews.va/hr/papa/news/2025-02/papa-franjo-samit-djeca-rat-marginalizacija-slusanje.html

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот