Интервју на папата Фрањо: Искажа радост поради прекинот на огнот во Газа

Папата Фрањо во интервју со новинарот Фабио Фацио за италијанската телевизија Нова најави уште едно именување на жена на водечка позиција во Ватикан.

Пред сé, една новина: жена, сестра Рафаела Петрини, од март ќе биде на чело на Управата на Државата Град Ватикан. Светиот Отец искажа тага поради евентуалната масовна депортација на имигрантите во Соединетите Американски Држави, и радост поради прекинот на огнот во Газа и надеж за решение со две држави. Освен тоа зборуваше за приемот на мигрантите, јубилејот, отворањето на Светата врата, за борбата против злоупотребата, личното здравје. Имаше теми поврзани со актуелните настани и предизвици во светот, Црквата и понтификатот, за кои зборуваше папата Фрањо во интервјуто со новинарот Фабио Фацио за емисијата Che tempo che fa, на италијанската телевизија Нова, емитувано на 19 јануари 2025 година.

Во 2022 година, Папата даде интервју за таа емисија, и друго во 2024 година. Последниот разговор, кој траеше околу еден час, беше и можност да се претстави автобиографијата со наслов „Надеж“, која ја уреди новинарот Карло Мусо, а ја објави издавачката куќа Мондадори, а беше објавена во сто земји.

Сестра Рафаела Петрини на чело на Управата на Државата Град Ватикан

По известувањето за добрата состојба на раката по контузијата, Папата објави дека од март, по пензионирањето на кардиналот Фернандо Вергез Алзага, секретарката на ватиканската управа, сестра Рафаела Петрини, ќе биде претседател на Управата на Државата Град Ватикан. Значи, уште една жена на чело на важна служба, по назначувањето на сестрата Симоне Брамбила за префект на Дикастеријата за посветен живот. Работата на жените во куријата е нешто што полека напредува и е добро сфатено. Сега имаме повеќе – прокоментира Папата и додаде – Жените знаат да се снаоѓаат подобро од нас.

Планови за масовна депортација на имигранти во САД

Папата Фрањо потоа одговори на прашање за Соединетите Американски Држави, во светло на гласините за можен план за масовна депортација на имигрантите по инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп. Ова евентуалност Папата ја дефинира како „катастрофа“, бидејќи ги принудува кутрите несреќници кои немаат ништо да ја платат цената на нерамнотежата.

Прифаќање на мигрантите и детнаталитет

Во врска со миграцијата, папата Фрањо ги повтори „четирите глаголи“ за справување со итната ситуација: „Мигрантот мора да биде примен, придружуван, поттикнат и интегриран“, а потоа се фокусираше на темата за денаталитетот, мислејќи на Италија каде што просечната возраст е 46 години. Ако нема деца нека дозволат да влезат мигрантите – рече тој.

Решението со две држави и важноста на мирот

Во интервјуто не изостанаа прашања за војната на Блискиот Исток, почетокот на примирјето во Газа и ослободувањето на трите жени кои ги држеше Хамас како заложници. Папата, како што тоа го направи во неделното пладневно обраќање, изрази благодарност до посредниците, а потоа се осврна на претпоставката за две држави, изразувајќи уверување дека тоа е единственото решение. Мирот е посупериорен од војната – додаде – но бара храброст бидејќи многу пати нешто се губи, но се добива повеќе. Напротив, војната е секогаш пораз – рече Папата, уште еднаш нагласувајќи ја вредноста на преговорите и осудувајќи ги големите профити на фабриките за оружје кои водат до уништување.

Не заборавајте на затворениците

Папата потоа зборуваше за надежта, која е во срцето на јубилејот: таа е „сидро на брегот“ за кое треба да се држиме – истакна тој, потсетувајќи на проповедта одржана на отворањето на Светата врата во Римскиот затвор Ребибија. Тоа беше гест без преседан што Папата сакаше да го направи затоа што – како што рече – секогаш ги носам затворениците во моето срце. Не заборавајте на затворениците; многумина кои се надвор имаат поголема вина од нив – повика Папата.

Срам и тага поради холокаустот

Неколку дена пред Денот на сеќавањето на Холокаустот на 27 јануари, Папата рече дека чувствува сожалување и срам за трагедијата која можеше да ја допре со раце за време на посетата на Аушвиц во 2016 година, со приказни, филмови и сведоштват од Едит Брук, 92-годишна унгарска поетка која го преживеа холокаустот.

Други теми на разговорот

За време на интервјуто се разговараше и за други теми, како што е злоупотребата, кризите на младите кои мораме да ги следиме; и близината кон „сите, сите, сите“, без „ангелизам“ во гледањето на гревот и без „сè да се става во гревови на телото“. Не постои грев што не може да се прости; не постои такво нешто. Затоа што Бог сака да ги има сите покрај себе, како деца, како браќа меѓу нас – истакна папата Фрањо.

На крајот, по повод Светата година поттикна: „Не дозволувајте да ја пропуштите оваа можност“. Само напред, храбро. И не губете ја смислата за хумор“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот