Добитникот на Нобеловата награда за мир Тошијуки Мимаки: Да го спасиме човештвото од нуклеарно оружје

Добитникот на Нобеловата награда за мир Тошијуки Мимаки: Да го спасиме човештвото од нуклеарно оружје

Потпретседателот на јапонската фондација „Нихано Хиданкио“ и добитник на Нобеловата награда за мир за 2024 година, Тошијуки Мимаки, кој го преживел падот на атомската бомба на Хирошима, потсетува на средбата со папата Фрањо во Јапонија во 2019 година и бара од сите светски лидери да се обврзат на укинување на нуклеарното оружје.

Во интервјуто со Алесандро Џизоти за L’Osservatore Romano, во пресрет на Светскиот ден на мирот, Тошијуки Мимаки (82) ги споделува своите сеќавања од падот на атомската бомба врз Хирошима каде што, како тригодишно момче, живеел со своето семејството. Имено, на 10 декември ја доби Нобеловата награда за мир во Осло како потпретседател на фондацијата „Нихон Хиданкио“, која храбро се бори за нуклеарно разоружување од 1956, од годината на основањето.

Оваа јапонска фондација ги обединува хибакуша – оние кои го преживеаја двојниот американски атомски напад врз Хирошима и Нагасаки на крајот на Втората светска војна. Посветеноста на Фондацијата „Нихон Хиданкио“ се заснова токму на силата на сведоштвото. Таа вредност ја препозна и Норвешкиот Нобелов комитет, кој при доделувањето на наградата изјави дека „сите имаме должност да ја извршиме мисијата на хибакуша. Нивниот морален компас е наше наследство. Сега е наш ред. Напорите за разоружување бараат упорни јавни апели“.

„На тригодишна возраст, мајка ми, мојот помал брат и јас бевме изложени на радијација додека го баравме нашиот татко, кој работеше на железницата во Хирошима. Многу луѓе загинаа, а зградите исчезнаа во пламенот- толку голем што можеше да се види сè до морето. Мојот брат моментално се лекува од рак на мозокот“, се потсетува Мимаки.

Колку и да е тешко да се потсетиме на тие слики, споделувањето на искуството е во срцето на мисијата на хибакуша – да се потсети на трагедијата за никогаш да не се повтори. Ова е исклучително важна задача. За жал, за неколку години нема да има повеќе преживеани по падот на атомската бомба. Значи, што ќе се направи за да се одржи споменот за идните генерации? „Градот Хирошима – објаснува тој – ја презеде улогата за пренесување на сведоштвата на преживеаните, создавајќи систем за едукација на младите луѓе како гласници“.

За Мимаки, улогата што ја игра папата Фрањо во корист на нуклеарното разоружување е многу важна. Тој самиот се сретна со Папата за време на неговата посета на Хирошима и Нагасаки во ноември 2019 година. „Го запознав Папата кога нè посети. Ми даде медал во црвена кутија. Побарав од него да се застапува укинување на нуклеарното оружје. Фотографијата ја чувам од тој ден“, додаде тој.

Во светлината на оваа посветеност против нуклеарното оружје, никогаш порано во последните години не се зборувало толку многу за можна употреба на атомски бомби, па дури и за можноста за нуклеарен конфликт. Лудило за оние кои, како Тошијуки Мимаки, сè уште од прва рака и во длабочините на душата го доживуваат ужасот на денот кога „Бомбата“ за прв пат беше употребена против цивилното население.

„Доколку се употреби нуклеарното оружје – огорчено забележува тој – тоа би било крај на човештвото. Затоа барам од владите на земјите кои имаат нуклеарно оружје да се посветат на нивно отстранување“, посочи тој.

Шефот на фондацијата „Нихон Хиданкио“ е особено загрижен за ситуацијата во Газа и Украина. „Рускиот претседател Путин, ги намали критериумите за употреба на нуклеарно оружје, за да може да го користи во секое време. Тоа е страшна ситуација. Сите, дојдете во Хирошима и Нагасаки и посетете го Музејот на атомска бомба. Ќе видите колкава штета може да им нанесе нуклеарното оружје на луѓето“, заклучи Мимаки.

Ватикан њуз/к.мк

https://www.vaticannews.va/hr/svijet/news/2024-12/nobelovac-mir-hiroshima-nuklearno-oruzje-apel-papa-franjo.html

Категорија: Вести, Свет

За авторот