Во недела 15 декември 2024 година Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов служеше света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје по повод Неделата на Каритас. Со него сослужуваа директорот на Македонски Каритас протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, протојереј отец Гоце Костов, катедралниот капелан патер Томислав Рукавина и патер Дамир Кочиш.
Во својата проповед епископот Стојанов се задржа на неделните литургиски читање, истакнувајќи ја важноста на служењето на Македонски Каритас на лицата во потреба.
За време на светата Литургија пееше Академскиот хор на базиликата „Пресвето Срце Исусово“ од Загреб, Палма, под диригенство на Фрањо Клинар.
По светата Литургија епископот Стојанов во дворот на катедралата се придружи на традиционалниот Божиќен саем (базар) организиран од Македонски Каритас, под мотото: „Покажи хуманост на дело – а за Божиќ срце полно ќе е цело“.
На саемот учествуваа центрите на Македонски Каритас кои се грижат за лицата во потреба, Парохиски Каритаси, амбасади, здруженија и поединци.
Собраните средства ќе бидат наменети за лицата во потреба кои се корисници на Македонски Каритас.
к.мк