Кардинал Паролин: „Да не се предадеме на неизбежноста на војната“

Кардинал Паролин: „Да не се предадеме на неизбежноста на војната“

Не смееме да се предадеме на неизбежноста на војната! Искрено се надевам дека овој тажен ден, илјадити од почетокот на војната против Украина, ќе влее чувство на одговорност кај сите, особено кај оние кои можат да го запрат крвопролевањето, изјави државниот секретар кардинал Пјетро Паролин во интервју за ватиканските медиуми, пред заминувањето во Бразил на состанокот на групата Г20. Со кардиналот разговараше Андреа Торниели, главен уредник на ватиканските медиуми

Државниот секретар рече дека чувствува длабока тага, бидејќи не може да се навикне, ниту да биде рамнодушен на вестите кои секојдневно стигнуваат до нас и ни зборуваат за смрт и уништување. Украина е нападната и маченичка земја, која сведочи за пожртвуваноста на цели генерации мажи, млади и стари, отргнати од студиите, работата и семејството за да бидат испратени на фронтот; таа земја ја доживува драмата на оние кои гледаат како нивните најблиски умираат под бомби или напади со беспилотни летала; ги гледа страдањата на оние кои ги изгубиле своите домови или во секој случај живеат во крајно несигурни услови поради војната.

Молитва, солидарност, барање мир

На прашањето како можеме да и помогнеме на Украина, кардиналот најпрво посочи дека како верници христијани можеме и треба да се молиме на Бога да ги преобрати срцата. Мораме да продолжиме да молиме за посредување на Марија, Мајката која е особено почитувана во оние земји што примија крштение пред многу векови. Второ, државниот секретар истакна солидарност со оние кои страдаат, со оние кои ја немаат потребната грижа, кои страдаат поради студ, со оние на кои им треба сè. Црквата во Украина прави многу за населението со тоа што секојдневно ја споделува судбината на земјата во војна – истакна тој и додаде дека како заедница треба да бараме мир. Можеме да го кажеме нашето „не“ на војната, на лудата трка во вооружување кое папата Фрањо постојано го осудува. Разбирливо е чувството на беспомошност пред она што се случува, но уште повистинито е дека заедно, како едно човечко семејство, можеме многу.

Потребни се гестови на понизност за добробит на луѓето

Како што често повторува Светиот Отец, ни требаат луѓе кои се обложуваат на мир, а не на војна, луѓе кои ја разбираат огромната одговорност што ја има продолжувањето на конфликтот со застрашувачки исход не само за Украина, туку и за цела Европа и за цел свет. Војна која може да не вовлече во нуклеарен конфликт, односно кон бездната. Светиот Престол се труди да направи се што е можно, да ги одржи патиштата на дијалог со сите, но имаме чувство дека го вративме часовникот на историјата назад. Дипломатското дејствување, трпението во дијалогот, креативноста во преговорите како да исчезнаа, станаа наследство од минатото, а невините жртви ја плаќаат цената. Војната ја краде иднината на генерации деца и млади луѓе, создава поделби и поттикнува омраза. Многу се потребни далекувидни државници, способни за храбри гестови на понизност, способни да размислуваат за доброто на својот народ – истакна кардиналот Паролин.

Преговорите се секогаш можни

Дури и ако знаците не се позитивни, преговорите се секогаш можни и пожелни за сите оние кои посветуваат должно внимание на светоста на човечкиот живот – посочи кардиналот во одговор на прашањето дали денеска има простор за преговори. Преговарањето не е знак на слабост, туку на храброст – додаде тој. Патот на „чесни преговори“ и „чесни компромиси“, патот на дијалогот е главниот пат кој треба да го следат оние кои ги држат судбините на народите во свои раце – рече тој, осврнувајќи се на зборовите на папата Фрањо за време на неговата неодамнешно патување во Луксембург. Дијалогот е возможен само доколку меѓу страните постои минимална доверба. Ако на другиот не му се верува барем во минимална мера и ако не се постапува искрено, сé останува блокирано. Така во Украина, во Светата Земја, како и во бројни други подрачја во светот луѓето продолжуваат да се борат и да умираат. Не смееме да се предадеме на неизбежноста на војната! Искрено се надевам дека овој тажен ден, илјадити од почетокот на воената агресија против Украина, ќе поттикне чувство на одговорност кај сите, особено кај оние кои можат да го запрат крвопролевањето кое е во тек – рече на крајот кардиналот Паролин.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот