Недела, 33 недела во годината
17 ноември 2024
Молитвата на сиромашните се вознесува до Бога (сп. Сирах 21,5)
Драги браќа и сестри!
1. Молитвата на сиромашните се вознесува до Бога (сп. Сирах 21,5). Во годината посветена на молитвата, со оглед на Редовниот Јубилеј 2025, овој израз на библиската мудрост особено е соодветен да не подготви за 8. Светски ден на сиромашните, кој ќе се слави на 17 ноември. Христијанската надеж ја опфаќа и сигурноста дека нашата молитва допира сѐ до лицето Божјо; но не било која молитва: молитвата на сиромавиот! Да размислуваме за ова Слово и да го „читаме“ на лицата и во приказните на сиромашните кои ги среќаваме во нашите денови, со цел молитвата да стане пат на заедништво со нив и споделување на нивните страдања.
2. Книгата Мудрост Сирахова, на која се повикуваме, не е многу позната, и заслужува да биде откриена поради богатството на темите што ги обработува особено кога го допира односот на човекот со Бога и со светот. Нејзиниот автор, Бен Сирах, е учител, писар од Ерусалим, кој пишувал најверојатно во 2. век пред Христос. Тој е мудар човек, вкоренет во израилската традиција, кој поучува на различни полиња од човечкиот живот: од работата до семејството, од животот во општеството до образованието на младите; посветува внимание на теми поврзани со верата во Бога и со почитувањето на Законот. Ги соочува не толку лесните проблеми за слободата, за злото, за божествената правда, кои се многу актуелни и за нас денес. Бен Сирах, вдахновен од Светиот Дух, сака на сите да им го покаже патот кој треба да се следи за мудар живот и достоен да се живее пред Бога и браќата.
3. Една од темите на кои светиот автор посветува најмногу простор е молитвата. Тоа го прави со голема ревност, бидејќи зборува од сопствено лично искуство. Всушност, ниту еден спис за молитвата не би можел да биде успешен и плоден ако не тргнува од оној кој секојдневно се наоѓа во Божјото присуство и го слуша неговото Слово. Бен Сирах изјавува дека ја барал мудроста уште од неговата младост: „Уште како момче, пред да почнам да патувам, во молитвата моја отворена мудрост барав“ (Сирах 51,18).
4. На ова свое патување, открива една од основните реалности на објавата, односно фактот дека сиромашните имаат привилегирано место во Божјото срце, до тој степен што, пред нивното страдање, Бог е „нетрпелив“ сѐ додека не ја задоволи правдата кон нив: „Молитвата на понизен низ облаци ќе мине; додека до Бога не стигне – нема да се утеши; нема да отстапи додека Севишниот со милост не погледне, праведно не пресуди и правда не донесе. И Господ нема да задоцни, нема да се колеба, …“ (Сирах 35, 17-19). Бог ги познава страданијата на неговите чеда, бидејќи е внимателен и грижлив Татко кон сите. Како Татко, се грижи за оние кои имаат најмногу потреба: сиромашните, маргинализираните, страдалниците, заборавените… Но, никој не е исклучен од неговото срце, од моментот кој, пред Него, сите сме сиромашни и во потреба. Сите сме ние просјаци, бидејќи без Бога би биле ништо. Не би имале ниту живот ако Бог не би ни го подарил. А сепак, колку често живееме како ние да сме господари на животот или како да мораме да го освојуваме! Световниот менталитет бара да бидеме некој, да бидеме познати и покрај сите и сѐ, кршејќи ги општествените правила сѐ со цел да се дојде до богатство. Каква тажна илузија! Среќата не се стекнува газејќи го правото и достоинството на другите.
Насилството предизвикано од војните јасно покажува колкава ароганција ги покренува оние кои себеси се сметаат моќни пред очите на луѓето, додека во очите на Бога тие се мизерни. Колку ли нови сиромашни луѓе создава оваа лоша политика која се води со оружје, колку невини жртви! Сепак, не можеме да се повлечеме. Учениците Господови знаат дека секој од овие „мали“ го носи печатот на лицето на Божјиот Син, и до секого од нив треба да допре нашата солидарност и знакот на христијанската љубов. „Секој христијанин и секоја заедница се повикани да бидат Божји орудија за ослободување и промовирање на сиромашните, со цел да можат целосно да се интегрираат во општеството; тоа претпоставува дека сме послушни и внимателни да го слушнеме плачот на сиромавиот и да му помогнеме“ (Апостолски поттик Evangelii Gaudium, 187).
5. Во оваа година посветена на молитвата, молитвата на сиромашните треба да ја направиме наша и да молиме заедно со нив. Тоа е предизвик кој треба да го прифатиме и пасторално делување кое треба да го негуваме. Всушност, „најлошата дискриминација од која страдаат сиромашните е недостатокот на духовната грижа. Огромно мнозинство од сиромашните поседуваат посебна отвореност кон верата; имаат потреба од Бога и не можеме да не им го понудиме неговото пријателство, неговиот благослов, неговото Слово, славењето на Светите Тајни и предлогот за едно движење кон растот и созревањето во верата. Привилегираната определба за сиромашните првенствено треба да се претвори во привилегирана и приоритетна духовна грижа“ (исто, 200).
За сето ова потребно е понизно срце, кое има храброст да стане срце кое проси. Срце кое е подготвено себеси да се препознае како сиромашно и во потреба. Всушност, постои една поврзаност помеѓу сиромаштвото, понизноста и довербата. Вистинскиот сиромав е понизен, како што рекол светиот епископ Августин: „Сиромавиот нема со што да се возгордее, богатиот има гордост против која треба да се бори. Затоа послушај ме: биди вистински сиромашен, биди крепостен, биди понизен“ (Sermones, 14,4). Понизниот нема ништо со што да се фали и ништо не очекува, знае дека не може да смета на самиот себеси, но цврсто верува дека може да се повика на милосрдната Божја љубов, пред која стои како блудниот син кој се враќа дома покаен за да ја прими татковата прегратка (сп. Лука 15, 11-24). Сиромавиот, немајќи на што да се потпре, добива сила од Бога и во Него ја полага сета своја доверба. Всушност, од понизноста произлегува довербата дека Бог никогаш нема да нѐ напушти и нема да нѐ остави без одговор.
6. На сиромашните кои живеат во нашите градови и се дел од нашите заедници им велам: не губете ја оваа сигурност! Бог внимава на сите вас и ви е близок. Не ве заборава и никогаш не може тоа да го направи. Сите имаме искуство од некоја молитва која изгледа дека е неуслишана. Понекогаш бараме да бидеме ослободени од беда која нѐ тера да страдаме и нѐ понижува, а изгледа како Бог да не ја слуша нашата молба. Но, Божјото молчење не значи дека не му е грижа за нашето страдање; туку содржи збор кој треба да биде прифатен со доверба, препуштајќи се на Него и во неговата волја. Повторно Сирах е тој кој истото го потврдува: „Божјиот суд ќе биде во корист на сиромавиот“ (сп. 21,6). Затоа, од сиромаштвото може да протече песната за вистинска надеж. Да се потсетиме дека „кога внатрешниот живот се затвора за сопствените интереси, нема веќе простор за другите, сиромашните повеќе не влегуваат, Божјиот глас повеќе не се слуша, не се ужива повеќе во слатката радост на неговата љубов, не се чувствува ентузијазмот за правење добри дела. […] Ова не е живот во Духот кој извира од срцето на воскреснатиот Христос“ (Апостолскаи поттик, Evangelii Gaudium, 2).
7. Светскиот ден на сиромашните сега веќе стана настан за секоја црковна заедница. Тоа е една пасторална можност која не смее да се потценува, бидејќи секој верник го поттикнува да ја слуша молитвата на сиромашните, станувајќи свесен за нивното присуство и нивната потреба. Тоа е поволна можност да се спроведат иницијативи кои конкретно им помагаат на сиромашните, а исто така и да се препознаат и да им се даде поддршка на бројните волонтери кои со голема љубов се посветуваат на оние во најголема потреба. Мораме да му благодариме на Господа за луѓето кои се ставаат на располагање за слушање и давање поддршка на најсиромашните. Тоа се свештениците, богопосветените лица, мажи и жени мирјани кои, со нивното сведоштво стануваат Божји глас кој одговара на молитвата на оние кои се обраќаат кон Него. Молкот, всушност, се прекинува секогаш кога некој брат во потреба е прифатен и прегрнат. Сиромашните можат да нé на уште многу работи,, бидејќи во една култура која богатството го ставила на прво место и на олтарот на материјалните добра често го жртвува достоинството на луѓето, тие пливаат против струјата истакнувајќи дека за живот е важно нешто сосема друго.
Затоа, молитвата во љубовта ја наоѓа потврдата на својата автентичност, која станува средба и близина. Ако молитвата не се преточи во конкретно делување, таа е залудна; бидејќи «верата без дела е мртва» (Јаков 2,26). Меѓутоа, љубовта без молитва ризикува да стане филантропија која бргу се суши. „Без молитвата која секојдневно верно се живее, нашето делување станува празно, ја губи длабоката смисла, се сведува на еден едноставен активизам“ (Бенедикт 16, Катехеза, 25 април 2012). Мораме да го избегнеме тоа искушение и секогаш да бидеме будни со силата и истрајноста која произлегува од Светиот Дух, кој е дарител на животот.
8. Во овој контекст, убаво е да се потсетиме на сведоштвото кое ни го остави Мајка Тереза од Калкута, жена која својот живот го даде за сиромашните. Оваа светица постојано повторуваше дека молитвата е местото од каде ја црпела силата и верата за нејзиното послание во служба на последните. Кога, на 26 октомври 1985 година, зборуваше на Генералното собрание на ОН, покажувајќи ја бројаницата која секогаш ја држеше во рака, рече: „Јас сум само една сиромашна монахиња која моли. Молејќи, Исус во срцето ми ја става својата љубов и јас одам да им ја подарам на сите сиромашни кои ги среќавам на мојот пат. Молете се и вие! Молете се, и ќе ги забележите сиромашните околу вас. Можеби и на истиот спрат од зградата каде што живеете. Можеби исто така и во вашите домови постои некој кој ја очекува вашата љубов. Молете се, и очите ќе ви се отворат и срцето ќе ви се исполни со љубов“.
А како да не се спомнеме овде, во градот Рим, на Свети Бенедикт Џузепе Лабре (1748-1783), чие тело почива и се чествува во парохистката црква Санта Марија аи Монти. Ходочесник од Франција во Рим, отфрлен од многу манастири, последните години од својот живот ги поминал како сиромав меѓу сиромашните, поминувајќи часови и часови во молитва пред Пресветата Олтарска Тајна, со бројаница, молејќи часослов, читајќи го Новиот Завет и „Наследувајќи го Христос“. Немајќи ниту мала соба каде да живее, обично спиел во некој агол од урнатините на Колосеумот, како „Божји скитник“, правејќи од своето постоење непрестајна молитва која се воздигнува до Него.
9. Додека се приближуваме кон Светата Година, сите ве повикувам да бидете ходочесник на надежта, поставувајќи опипливи знаци за подобра иднина. Да не заборавиме да ги заштитиме „ситните детали на љубовта“ (Апостолски поттик, Gaudate et exultate, 145): да застанеме, да се приближиме, да дадеме малку внимание, насмевка, нежен допир, утешен збор… Овие гестови не се импровизираат; туку бараат секојдневна веерност, често скриена и тивка, но зајакната од молитвата. Во ова време, во кое песната на надежта изгледа дека го отстапува местото на гламата на оружјето, на плачот на многу невини ранети и на молкот на безбројните жртви од војните, да ја упатиме кон Бога нашата молитва за мир. Ние сме сиромашни за мир и ги подаваме рацете за да го примиме како скапоцен дар, а во исто време да се посветиме да го градиме во секојдневниот живот.
Повикани сме во секоја околност да бидеме пријатели на сиромашните, следејќи ги стапките на Исус, кој беше првиот што се солидализираше со последните. На овој пат нека нѐ застапува Пресвета Богородица која објавувајќи се во Бене ни остави порака која не смееме да ја заборавиме: «Јас сум Девицата на сиромашните». Нејзе, која Бог ја погледна заради нејзиното понизнсо сиромаштво, вршејќи големи дела со нејзината послушност, ѝ ја доверуваме нашата молитва, убедени дека ќе се издигне до небото и ќе биде услишана.
Рим, Свети Иван Латерански, 13 јуни 2024, спомен ден на Свети Антониј од Падова, заштитник на сиромашните.
ФРАЊО
неофицијален превод