„А таа (вдовица) од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целиот свој имот“ (Марко 12,44)
На крајот сме од 12-то поглавје од Евангелието според Марко. Исус е во ерусалимскиот храм; набљудува и подучува. Преку Неговиот поглед, сведоци сме на сцена полна со ликови: луѓе кои доаѓаат и си одат, чиновници во храмот, достоинственици во долги одежди, богати луѓе кои ги фрлаат своите раскошни подароци во храмската ризница.
И тогаш доаѓа вдовицата. Таа спаѓа во категоријата на социјално и економски ранливи лица. Во општа незаинтересираност, таа пушти две монети во ризницата. Исус го забележува тоа, ги повикува своите ученици кај Себе и ги поучува:
„А таа (вдовица) од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целиот свој имот“
„Вистина ви велам…“. Овие зборови се вовед во важни учења; Исусовиот поглед, насочен кон сиромашната вдовица, нè повикува да погледнеме во иста насока: таа е пример каков треба да биде Христовиот ученик.
Нејзината вера во Божјата љубов е безусловна; нејзиното богатство е самиот Бог. И целосно подарувајќи Му се Нему, исто така, таа сака да даде сѐ што може на оние кои се уште посиромашни од неа. Ова целосна доверба на Отецот на одреден начин е унапредување на истиот тој дар што Исус наскоро ќе го реализира преку своите страдања и смрт. Ова е „сиромаштијата на духот“ и „чистотата на срцето“ што ги проповедаше и живееше Исус.
Тоа значи „да не се верува во богатството, туку во Божјата љубов и Неговата промисла. […] Ние сме „сиромашни по дух“ кога дозволуваме да нè води љубовта кон другите. Потоа споделуваме и им го ставаме на располагање на оние на кои им треба она што го имаме: насмевката, нашето време, нашите добра, нашите способности. Дарувајќи сè што имаме од љубов, стануваме сиромашни, т.е. празни, слободни, чисти по срце“.
Исусовиот предлог го превртува нашиот менталитет; во центарот на Неговите мисли се малите, сиромашните, последните.
„А таа (вдовица) од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целиот свој имот“
Ова Слово на Животот нè повикува пред се да ја обновиме нашата целосна доверба во Божјата љубов и да се соочиме со Неговиот поглед, за да гледаме надвор од надворешноста, без да судиме и да зависиме од расудувањето на другите, за да го истакнеме позитивното во секој човек.
Ни ја предлага севкупноста на дарот како евангелска логика која гради мирна заедница, затоа што нè поттикнува да се грижиме еден за друг. Тоа нè поттикнува да го живееме Евангелието во нашиот секојдневен живот, без да се истакнуваме; да даваме со раширени раце и со доверба; да живееме трезвено, да знаеме да споделуваме. Тој нè повикува нашето внимание да го насочиме кон оние последните и да учиме од нив.
Венант е роден и израснат во Бурунди. Тој раскажува: „Во селото моето семејство можеше да се пофали со добра фарма, со добра жетва. Мајка ми, свесна дека се е промисла од небото, ги собра првите плодови и веднаш ги подели во соседството, почнувајќи од најсиромашните семејства, а ни остави само мал дел од она што остана. Од нејзиниот пример ја научив вредноста на несебичното давање. Така сфатив дека Господ бара од мене да му го дадам најдобриот дел, односно да му го дадам целиот мој живот“.
Подготвиле Летиција Магри и тимот Слово на Животот