Папата на светата Литургија во Сингапур: Ништо трајно не се раѓа и не расте без љубов

Папата на светата Литургија во Сингапур: Ништо трајно не се раѓа и не расте без љубов

На 12 септември 2024 година, папата Фрањо ја предводеше светата Литургија во присуство на 50 000 верници на Националниот стадион во Сингапур. Тој ги охрабри да препознаат, и покрај грандиозните дела на човечката великодушност, дека ние сме ништо без љубов и да ги прифатат браќата и сестрите кои ги среќаваат на патот.

Ако нешто добро постои и останува на овој свет, тоа е само затоа што, во бескрајни и различни околности, љубовта надвладеала над омразата, солидарноста над рамнодушноста, дарежливоста над себичноста – ова се зборовите на папата Фрањо од неговата проповед на италијански јазик за време на светата Литургија што денес  ја предводеше на Националниот стадион во Сингапур.

Папата во тој голем спортски објект – кој во таа прилика прими 50 илјади луѓе, зафаќајќи го и просторот на фудбалското игралиште – пристигна по напорниот ден кој започна со куртоазна посета на претседателот на Републиката, а продолжи со средба со Премиерот, претставници на власта, граѓанскиот сектор и дипломатскиот кор.

Штом пристигна, Светиот Отец во возило за голф кружеше по атлетската патека, поздравувајќи ги децата и бројните болни во инвалидска количка кои му приоѓаа; потпиша апостолски благослов за брачна двојка, направи бројни селфиња со младите и на сите им подаруваше бројаница.

Љубов која гради

Откако се заблагодари на Црквата во Сингапур, богата со дарови, жива, растечка и во конструктивен дијалог со другите вероисповеди и религии, Папата го пофали – како што рече – импресивниот комплекс на Националниот стадион и истакна дека во основата на тие импозантни згради, како и секој втор потфат што остава позитивен траг на овој свет не се ниту парите, ниту технологијата, ниту инженерството, иако тие се многу корисни средства, туку љубовта: љубовта која гради – истакна Папата, повикувајќи се на зборовите на свети Павле во Посланието до Коринтјаните, кои беа прочитани за време на светата Литургија.

Имено, не постои добро дело зад кое не стојат можеби генијални луѓе, силни, богати, креативни, но сепак кревки жени и мажи, како нас, за кои без љубовта нема живот, нема ентузијазам, нема причина за дејствување, ниту сила за градење.

Ништо не се раѓа без љубов

Така оваа метропола со илјадници облакодери и „храбра архитектура“ станува знак: зад секое дело се откриваат бројни љубовни приказни за мажи и жени обединети во заедница, граѓани посветени на својата земја, мајки и татковци кои се грижат за своите семејства, за професионалци и работници од секаков вид и ниво. Сите овие приказни – објасни Папата – се испишани на фасадите на нашите куќи и долж нашите улици и треба да го пренесуваме споменот за нив, за да нè потсети дека ништо трајно не се раѓа и не расте без љубовта.

Понекогаш големината и величественоста на нашите проекти може да нѐ натера да го заборавиме тоа, залажувајќи се дека можеме да бидеме автори на самите себе, на своето богатство, на нашата благосостојба и среќа. Но, на крајот, животот нѐ враќа во единствената реалност: без љубов ние сме ништо.

Почит кон сите луѓе

Верата нè утврдува и нè просветлува за таа сигурност – истакна Папата – затоа што нè учи дека во коренот на нашата способност да сакаме и да бидеме сакани е самиот Бог, кој нè сакаше со татковско срце и нè доведе во постоење целосно бесплатно, и Кој нè откупи исто толку слободно и нѐ ослободи од гревот и смртта.

Така го гледаме одразот на Божјата љубов во љубовта која се карактеризира со длабока почит кон сите луѓе, без разлика на нивната раса, нивното верско уверување или што било друго што ги прави различни од нас – додаде папата Фрањо, цитирајќи ги зборовите на свети Иван Павле II за време на посетата на Сингапур во 1986 година.

Прифатете го секого

Има само едно чудо – уште поголемо од чудењето што го чувствуваме пред делата кои ги направил човекот – што треба да се прифати со уште поголема восхит и почит: браќата и сестрите што ги среќаваме секој ден на нашиот пат, без преференции и без разлики, како што добро сведочи сингапурското општество и Црквата, етнички толку разнолики, а во исто време толку обединети и солидарни.

Најубавата градба, најскапоценото богатство, најисплатливата инвестиција во Божјите очи сме ние: возљубени чеда на истиот Отец, повикани да шириме љубов.

Да одговориме на бескрајната Божја љубов

Потоа папата Фрањо наведе неколку примери на мажи и жени кои станале одраз на Божјата љубов. Првата е Марија, чие Пресвето Име го славиме денес и во која ја гледаме љубовта на Отецот пројавена на еден од најубавите и најпотполните начини: во нежноста на мајката која сè разбира, простува и која никогаш не нè напушта. Вториот светец кој го спомна Папата е Фрањо Ксавиер, кој – како што рече – е драг на оваа земја и кој во писмо од 1544 година, упатено до Игнатиј Лојола и неговите први придружници, изразил желба да оди во сите тогашните универзитети за насекаде да вика како лудак и да ги потресе оние кои имаат повеќе знаење од љубов, така што да се чувствуваат поттикнати да станат мисионери од љубов кон браќата, говорејќи од длабочината на своето срце: „Господи, еве ме; што сакаш да направам?“.

Папата ги поттикнат сите, овие зборови да ги направат свои: „Господи, еве ме; што сакаш да правам?“, за да не придружуваат не само овие денови, туку како постојана обврска брзо да одговориме на повиците за љубов и правда кои и денес ни доаѓаат од бескрајната Божја љубов.

Пламенот на сведочењето

На крајот од светата Литургија, за време на која една од молитвите на верниците беше посветена на тајфунот што го погоди Виетнам, сингапурскиот надбискуп кардиналот Вилијам Го Сенг Чие му се заблагодари на Папата на англиски јазик за неговото присуство, 38 години по последното патување на еден папа – свети Иван Павле II – во Сингапур. Вашата посета го запали пламенот на нашата вера за да заблеска уште повеќе во нас – рече кардиналот и изрази надеж дека оваа вера ќе ги зајакне врските на единството, ќе го следи патот на синодалноста и дијалогот и ќе остане во заедништво, остварувајќи го посланието. Само така Црквата ќе може да донесе надеж во човештвото и да биде светилник на Христос, светилник на љубовта и милосрдието, сочувството, правдата и инклузивноста – нагласи кардиналот Сенг Чај.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот